Мој Психолог: Back to the office или враќање на работа во“новото нормално”

Оваа година сите се соочивме со заеднички голем предизвик, пандемија во светски рамки со налик на холивудско сценарио. Пандемијата предизвика големи промени во сите пори од општественото, а и во индивидуалното функционирање. Кога човекот се соочува со промени во неговото секојдневие постојат индивидуални разлики како ќе се прифатат и ќе се адаптира на истите, а генерално потребно е време за да промените станат дел од нашето “ново нормално”.

Стравот е втората пандемија во сенка која паралелно се случува,. Од една страна тоа е нормална и очекувана реакција на нешто ново и непознато, но од друга страна неправилното справување (и соочување/прифаќање)  може да доведе до негативни последици за менталното здравје на личноста и негативни појави во секојдневното функционирање. Секојдневно одење на работното место (како доминантен дел од нашето секојдневно функционирање), комуникација со колегите, поздравување и прегрнување, дружење и собирање по работно време, делење на храна- се само дел од активностите и навиките кои ни даваа задоволство и уживање. Голем дел од промените кои ги наметна „новото нормално” ги допираат нашите работни навики.

На почетокот на пандемијата, имаше зголемен интерес од клиентите да се работи на тема како да се остане продуктивен во домашни услови и како да се задржат фокусот и мотивацијата. Да се префрли канцелариското столче од канцеларија во дневна, за повеќето беше голем предизвик и голема промена на која требаше да се адаптираат. Сега, кога веќе неколку месеци наназад компаниите ги повикуваат своите вработени назад на работните места, сепак наместо среќа, кај дел од луѓето се јавува непријатност, иплашеност, вознемиреност и општа возбуда. Често клиентите знаат да опишат дека се чувствуваат како да одат прв ден на работа. Зошто е тоа така? Замислете ситуација кога пред вас се наоѓаат чоколадни бомбони на изглед исти, но сите се со различен вкус. Можеби вие без страв и размислување ќе посегнете по една и ќе ја вкусите, но можеби некој друг ќе ве чека прво вие да го направите тоа па да донесе одлука или пак стравот дека вкусот што ќе го одбере нема да му се допадне ќе го инхибира и нема да направи никаков избор. Затоа кога се зборувам на оваа тема со клиентите и со менаџерите предлагам да се земат во предвид неколку клучни фактори:

  1. Обезбедете безбедност. На сите луѓе безбедноста и сигурноста им се во прв план, па затоа сосема е во ред пред да се вратите на работа да поставите прашања во однос на оваа тема (начин на работа, дистанца помеѓу вработените и сл.)
  2. Негувајте емпатија. Некои колеги на работното место можеби ќе пројават повеќе страв од повеќе причини (неадекватно справување, анксиозност, хронична болест, бременост и др.). Негувајте отворена комуникација и покажете емпатија, односно разбирање. Социјална дистанца не значи и емоционална дистанца помеѓу луѓето, особено во време кога на некои лица подршката им е повеќе од потребна и значајна.
  3. Бидете креативни и иновативни. Многу работни навики се изменети, но тоа не значи дека креативноста е забранета. Работејќи со една компанија за време на почетокот на пандемијата, ми се допадна една идеа која ја воведоа вработените. Иако имаа ограничено движење до кујната и кафематите, на хартиени стикери и пишуваа пораки или вицеви  за секој следен кој ќе дојде да земе кафе. За само неколку недели во кујната имаа шарен и ѕид кој за нив тогаш беше најпозитивното катче.
  4. Внесете хумор. Докажано е дека хуморот и смеењето помагаат да се пребродат тешките моменти. Обидете се да ги внесете во вашето секојдневие, па и на работното место. Примерот кој го посочив погоре е интересна комбинација на хумор и креативност.

Знам дека психолозите некогаш се “досадни за читање”, но се надевам дека ви го задржав вниманието и стигнавте до тука. Не заборавајте дека за секоја промена треба време, и темпото на вашето движење не треба да ве обесхрабрува. Доколку забележите било каква потешкотија, секогаш можете да размислите да разговарате со лице кое ќе ви понуди професионална помош, насока и подршка.

 

Дај си грижа на себе.

До следно читање,

Мој психолог

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
Moj Психолог
Moj Психологhttp://nea.mk
Мој Психолог е психологот Бојана Стојменовиќ. Пишувањето за психологијата и подигнувањето на свеста за грижата за менталното здравје се мотивот поради кој пишува. Покрај психологијата, сака и спорт, уметност и црвена боја.
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!