Дали конечно дојде пролет или пак ќе не изненади априлскиот снег?
Вообичаено пролетната сезона ја започнуваме кон крајот на февруари и почеток на март кога денот станува подолг, температурите потопли, сонцето сјаее посветло, а растенијата почнуваат да се будат и ни даваат знаци дека треба да превземеме активности околку нив.
Кокичето е предвесникот на будењето па потоа зумбулите, нарцисите и лалињата, затоа и секоја градина треба да има по некој примерок од овие видови уште еднаш да не потсетaт дeка пролетта е на прагот. За среќа садењето луковици повторно станува тренд, а нив можеме да ги најдеме и засадиме во текот на целата година.
Овој период е совршен за расчистување на градините, освежување на постоечкото зеленило и обновување на сите зелени површини. Во зелени површини ги подразбираме и растенијата во домот и на балконите и во дворовите.
Ако ги следиме следните чекори никогаш нема да згрешиме:
Прв чекор дезинфекција, чистење на зимските остатоци, отстранување на мртви листови или цели растенија. Периодов е совршен за будење на целата природа и има одлични услови за развој на инсекти, бактерии и болести, затоа создавањето на чиста површина е многу битно. За собните растенија се препорачува почесто проветрување, внимателно набљудување, а по можност и дезинфекција (3% хидроген). За надворешните растенија се препорачува ослободување на површинскиот слој на земјата за да растенијата дишат и кроење за подобар развој и раст.
Втор чекор е промена на супстратот во кој живеат, поткопување, пресадување, додавање хумус, тресет и подобрувачи на почвени својства. Најчесто почвата во која живеат нашите растенија е промиена од наводнувањето, застоена, истрошена и осиормашена од зимскиот период или периодот на мирување. На собните растенија треба да им направиме простор за растење па затоа ги пресадуваме во малку поголема саксија од постоечката (1 или 2 броја поголема, не предолема или дупла), во чист и хранлив супстрат со убав дренажен слој или компонента на подобрувач на почва (минерали со различна гранулација – перлит, зеолит и сл.). Надворешните растенија кои живеат во ограничени површини, саксии или жардињери исто така треба да бидат обновени или дополнети со нова земја, а оние кои се насадени директно во земја треба да се поткопаат.
Трет чекор стабилизација и наѓубрување. Кога ќе ги направиме првиот и вториот чекор сметаме дека сите растенија се здрави и спремни за периодот што следи. Тогаш започнуваме со наѓубрување. Накратко ќе објасниме кога и со какви ѓубрива се дружиме. NPK е главниот состав на ѓубривата и во зависност од бројката на секоја компонента одредуваме период на апликација. На пакувањата кои се во тврда или течна состојба секогаш пишува колкав е односот на NPK и во која количина вода се раствараат. Ние треба само да знаеме дека:
N Nitrogen азотот e за зелените површини на растението, зазеленување (NPK е пр.20-10-10)
P Phosphorus фосфорот е за силни корења и помош за генерирање на цвет и семе (NPK 10-30-10)
K Kalium калиумот се залага за здравјето на целото растение и обезбедува отпорност на разни болести поврзани со растението (пр. NPK 10-10-40). Значи прво прихрануваме со ѓубриво на база на N, па редоследно P во време на цветање за да го врзе цветот и на крај со K. Ѓубрењето можеме да го повторуваме барем еднаш месечно за надворешните растенија и еднаш неделно за собните растенија.
Четврт чекор: САДЕЊЕ САДЕЊЕ И САДЕЊЕ! Можеме да садиме во текот на целата година, единствено што треба да направиме е убаво да полееме по садењето.
The glory of gardening: hands in the dirt, head in the sun, heart with nature. To nurture a garden is to feed not just the body, but the soul. – Alfred Austin
Ќе се сложиме дека конечно дојде време за најубавото пролетно будење, во кое ќе ги разбудиме и растенијата и насмевките на нашите лица. Зарем има поубаво чувство од тоа да си пиеме кафенце во нашиот зелен дом или градина.
А во меѓувреме уживајте во оваа галерија од пролетното будење во Плантопија