Како што се повлекуваме дома поради ладното време, така вежбањето надвор ни станува недостапно. Многу од нас не се доволно храбри да вежбаат на дожд, ветер и магла, за оние кои се, БРАВО! Сепак, и ние заслужуваме здраво и убаво тело. Секако на располагање ни се онлајн тренинзите со конкретни програми, кои топло ги препорачуваме, но секогаш е добро да се има и бесплатна алтернатива. Ние пробавме да вежбаме со неколку ЈуТјуб канали.
1.PopSugar – ова е канал чиј фасилитатор е Ана, тренерка од Лос Анџелес, а често има и гостински тренери. Каналот е во сопственост на истоимениот женски магазин, па затоа е бесплатен. Се користи како промоција. Она што е добро е дека добивате целосни тренинзи. Има многу опции, а тренинзите покрај Ана ги држат и други познати тренери. Па така може да вежбате со тренери на познатите како тренерката на Селена Гомез, Џенифер Лоренс или Пинк. Препорачуваме да имате идеја што сакате да вежбате – кардио, денс фитнес, пилатес, ХИИТ… а потоа да одберете од морето тренинзи кои се достапни. Секој тренинг е со различна тежна, а со некои се горат многу калории.
Омилени ни се пилатесот со тренерката на Селена Гомез, Џенет Џенкинс за горење 500-600 калории и Џејк Дупри, геј тренерот кој е ултра смешен и забавен, за оние денови кога сакате да се изнасмеете додека вежбате. Тренинзите на Ана Рендерер, која го основа каналот се исто прекрасни, а дел од нив и мнооогу тешки, но имаат ефект (проверено). Исто така Ана често знае да препорачува и варијации на вежбите за бремени жени или за почетници.
2.Fitness Blender – Огромен избор на одлични тренинзи со и без опрема, подготвени од парот (и во вежањето, и во реалниот живот), Кели и Даниел. Логично, одлични се за вежбање во пар. Нудат најразлични варијации на видеа, зависно од тоа колку калории се трошат, колку време имате, кои делови од телото сакате да ги таргетирате, дали сте почетник или не. Нам омилени ни се тренинзите за горење 1000 калории (многу се тешки ама вреди). Одлични се и брзите ХИИТ тренинзи, особено за оние денови кога имате само 20тина минути на располагање, а сакате да ги искористите до максимум.
2. SELF MAGAZINE – Овој канал има одлични видеа, кои нудат тренинзи од околу 30тина минути, но не ги потценувајте. За половина час, ќе го извежбате целото тело и ќе се препотите. Исто така најчесто се со машки и женски тренер и се погодни и за едните и за другите. Одлични за вежбање во пар, или со сестра/брат/родител/баба/дедо… Погледнете ги и тренинзите на Health Magazine, каде бесплатно може да вежбате со некои од најпознатите тренери во светот.
4. Девојките од инстаграм – Pamela Reif и Sami Clarke – двете тренерки нудат сличен концепт. Најчесто прават кратки видеа за одредена група на мускули. А имаат и тренинзи за целото тело. Одлични се доколку сакате да си го дополните тренингот со уште 10-15 минути таргетирани вежби. Топло ги препорачуваме вежбите за стомачни мускули и задник, посебно или како дополнување на ХИИТ тренинзите од погоре. Проверено е, стомачните ќе ве болат многу. Но, ако сакате вежбање, тогаш ја сакате и оваа болка.
5. MadFit – канал на девојка која прави постатични вежби, главно во пилатес стил. Добра е за почетници, како и за деновите кога не сакате да вежбате премногу или да скокате додека вежбате. Сепак, не ги потценувајте резултатите кои ќе дојдат од овие вежби. Препорачуваме да почнете од тука, па да напредувате кон понапорни видеа.
По период од 2-3 месеци редовно вежбање, сигурно ќе имате одлични резултати. Внимавајте на правилното правење на вежбите. Постојат многу навидум едноставни вежби кои доколку не се прават правилно може да направат повреди. Често во овие видеа нема истегнување и загревање, а тие се најважни за превенција од повреди. Најдете соодветни видеа за овие делови од тренингот ако тоа што го вежбате ги нема. Ако прв пат правите одредени вежби, препорачуваме да тренирате со тренер (онлајн), или во најмала рака, да изгледате видеа за правилна поставеност на телото во таа вежба и да се гледате во огледало. Да, и ние едвај чекаме да им се вратиме на групните тренинзи, но во меѓувреме и ова е добро.