Во недостаток и недостасување на свирки, зборувавме со пејачката на South Park, еден од најпознатите кавер и авторски бендови кај нас. На сцената се 16 години и за прв пат, пандемијата ги одвои од публиката. Светлана Јовановска, вели дека сега е најважно да сме здрави, но и дека сцената неизмерно и фали.
Здраво Светле!
Неколку кратки прашања, за загревање.
Саут Парк или Фемили Гај?
Двете.
Свирка или настап со Филхармонија?
Уф, тешко прашање. Поинакво задоволство, но подеднакво моќно!
Филм или Серија?
Филм.
Пиво или вотка?
Дефинитивно пиво.
Телевизија или интернет?
Во последно време интернет.
After work или диско?
Диско.
Мартинки или старки?
Старки.
Ајде сега да настапиме со подолгите прашања?
Ќе почнам од последниот наслов кој го прочитав „Светлана Јовановска ја дигна Филхармонија на нозе…“. Во малкуте (речиси воопшто) настапи поради короната дефинитивно се издвојува оној со кој и оддаде чест на Нина Спирова со Македонската Филхармонија. Ретко може две толку моќни нешта да спојат во иста реченица, раскажи ни како се случи тоа и како помина?
Втор пат настапувам со Филхармонија. Уште првиот пат знаев дека ќе трагам по такво нешто повторно, само чекав да видам кога ќе случи тоа. Добив покана да настапам со скратен состав поради моменталните услови, но тоа не беше пречка да се чувствувам прекрасно. Голем предизвик е да ја пееш Нина Спирова. Ако успеав да дофатам барем мал дел од нејзината големина, тогаш сум презадоволна. Исполнив 6 композиции вклучувајќи ја и “мојата”, за мене најдрага и доживеана автобиографски „Езеро мое“. Реакциите беа одлични, а јас откако завршив, буквално се чувствував возобновено.
Колку години како Саут Парк ја „дигате публиката на нозе“? И што значи за вас оваа година на стагнација од свирки и настапи?
Тешко ни паѓа тоа што сме отсутни, никој никогаш не помисли на вакво сценарио. Но, најважно е да се чуваме, да останеме во добро здравје, да истраеме и откако ќе заврши сето ова да продолжиме онаму каде застанавме и каде се чувствуваме како дома-на самата сцена. А од неа сме дел скоро 16 години.
Саут Парк е еден од најпознатите кавер бендови кај нас, како одлучивте да го преземете името на еден од најоткачените цртани за возрасни? Кој беше кумот?
Кога го формиравме бендот немавме идеја за тоа како да се викаме. На една од пробите, тогашниот гитарист донесе постер со нашите ликови направени во стилот на самиот цртан, па така од интерна зафрканција, името се задржа и остана до ден денешен.
Светлана, пред да се занимаваш со музика, беше водителка на детски и тинејџерски емисии на Сител ТВ. Какво беше чувството да се биде дете ѕвезда и колку тоа ти помогна во соочувањето со тремата на сцена?
Тој период од мојот живот навистина премногу ми помогна во осознавањето на тоа што значи настап и говорење пред камера, однесување на сцена, со публика воопшто. Тремата никогаш не ми била некаков проблем, ја контролирам до извесен степен на позитивна возбуда која ме носи напред во настапот.
Но, ќе бидам искрена и ќе ви признаам дека делот со популарноста не ми годеше секогаш. Понекогаш посакував да можам да си бидам своја и да го правам тоа што сакам, без да бидам во фокусот на вниманието толку многу. Но, за среќа во меѓувреме пораснав и сфатив дека тоа е невозможно. Го прифатив како составен дел од работата, но и не дозволувам да ми ја одземе приземјеноста.
Дали се случува да добиете „нарачка“ за песна, и ако да која е најлудата желба?
Се случувало да бараат секакви песни, и секако, ако е таа дел од нашиот репертоар, ќе ја отсвириме. Најлуда желба не би можела да издвојам, но би спомнала дека ми е најзабавно кога ми бараат песни што наводно ги свириме, а тоа всушност не е така. Самото убедување ми е забавно, затоа што јас сум таа чија што задача е да си го знае репертоарот нели.
Третата авторска песна, ја претставивте на Макфест. Долго време очекуваме албум, дали можеби ќе се случи нешто такво набргу?
Настапив солистички на Макфест со песната „Колку силно љубам“, а во истиот период ја издадовме „Сни“ со Саут Парк.
Во моментов го подготвуваме четвртиот сингл, а се надевам наредната година ќе се пофалиме и со албум.
Дали се сметаш себе за фронтмен или Frontwoman?
Се сметам себеси за личност на која и се “паднал” инструментот Глас, а по природата на нештата, вокалистот е оној кој што е најчесто доживуван како фронтмен.
Доживувајќи се себеси, не би направила таква класификација. Јас сум Гласот кој се надоврзува на една непрестајна комуникација, течение на чувства и мисли изразени преку музика која ја создаваат неколку луѓе во даден момент. Ако имам среќа, со тоа што сум напред (фронт), во таа комуникација ја вклучувам и публиката.
Како се подготвуваш за настап, постои ли тајна за правење на добра атмосфера на сцена или едноставно Вие како тим го правите тоа?
Задолжително се распевам. Се’ друго е менливо во однос на физичката подготовка. Во зависност од расположението и пригодата. Некогаш сум расположена за шминка, штикла, а понекогаш патики, фармерки и маичка се сосема доволни.
Добрата атмосфера зависи од самите нас, квалитетот на настапот, добриот звук и секако, самата публика.
Правиме интервју само со тебе, затоа што си жена, но Саут Патк се и дечките: Зоран Костадиновски – гитара, Виктор Николовски – бас гитара, Благојче Пенов – тапани и Горјан Стојменовски – гитара. Кажи ни нешто за нив и како изгледа една проба со South Park?
Секој од нив е посебна приказна. Буквално. Ниту еден сличен на друг. Можеби и затоа функционираме долго време. Сите се успешни музичари со веќе оставен белег на музичката сцена. На пробите доаѓаме добро подготвени, секој од нас. Тоа ја прави атмосферата релаксирана а самата проба успешна. Секако и за мене омилениот момент – паузата. Прилика да си направиме муабет, да си споделиме по нешто, да продискутираме за тоа што го пробуваме.
Знам дека е тешко, но ако треба да одбереш една свирка која би била таа?
Би го издвоила настапот кој го имавме кога го прославивме нашиот 15ти роденден, минатиот декември. Клубот беше преполн, луѓето расположени и насмеани… Лебдев од среќа! Колку само убави мигови ми подариле луѓе на нашите настапи – вечно сум благодарна за тоа.
Која е песната на која буквално секогаш, полудува публиката?
Ain’t nobody -Chaka Khan.
Се случило ли некогаш да не добиете реакција од публиката? Што правите во таа ситуација?
Се случило, секако. Ми се чини дека не постои изведувач на кој не му се случила таква ситуација. Продолжуваме понатаму во исто или можеби малку засилено темпо -така се справуваме. Гледаме да ја одржиме добрата енергија меѓу нас, со надеж дека публиката ќе го препознае тоа и награди нашиот труд.
Што е следно од вас, кога ќе заврши Короната?
Прво што ќе направам е ќе ги изгушкам сите. Тоа е и повеќе од доволно за почеток.
Јас лично не сум присустувала на свирка на Саут Парк (а ги имало многу), каде немало прекрасна атмосфера. Ни посакувам бргу да заврши короната, и ви посакувам уште многу свирки. Фала многу!
Ти благодарам од срце!
Во исчекување на следната свирка слушнете ја најновата песна на бендот „Сни“, како и солистичката песна „Колку силно љубам“ на Светлана Јовановска.