Снеже Велков: Наместо политичари повеќе да гледаме уметнички величини и млади креативци

во

Снеже Велков, ликот кој сме навикнати да го гледаме на телевизиските екрани, иако моментално нема емисија. Последно беше актуелна со ВИП на еден ден, хуманитарно шоу, а ја знаеме од Ред Хот, Икс Фактор, Бекстејџ, Утринска на Сител и многу други проекти. Моментално нејзиното движење е да „Блескаме“ од внатре, па така си направивме пријатен и блескав разговор.

Здраво Снеже!

Здраво!

Блескаш…

Секогаш!

Почнуваме со загревање, иако ти веројатно утрово се загреа на кеј.

Утро или вечер?

Утро.

Онлајн медиуми или ТВ?

Книга.

Забавна програма или вести?

Забавна.

Веган Чизкејк или чоколадна торта?

Ја би вегански чоколаден чизкејк.

Точак или ролери?

Точак.

Планина или море? (сега ништо…)

Планина со поглед на море.

Квиз или ток-шоу?

Ток шоу.

Београдски синдикат или 2 бона?

Београдски Синдикат.

Тоа е тоа. Почнуваме!

Од Ред хот, до Велики Брат, па Бекстејџ, Икс фактор, Вип на еден ден, Квиз, Утринска… речиси да нема тип на емисија на кој не си работела. Каде најмногу се пронаоѓаш?

Секоја емисија си дошла во свое време… Некаков реален редослед на типот на емисии во склад со моите години и тежина на обврските и на одговорностите. Во Ред Хот бев ководител, во Бекстејџ почнав како водител па преминав во уредник, потоа следуваше водител и уредник во утринската емисија една од најзахтевните телевизиски формати. Овој формат се уште ми е предизвик и би му се навратила. Навистина е одговорност да бидеш првиот кој ќе му каже „Добро утро“ на гледачот.

Од друга страна големите реални шоуа како Големиот Брат и Х Фактор се веќе
концепирани формати во кои нема многу излегување од сценарио, таму има точен
редослед кој кога каде и како се обраќа, па тоа те учи на строга професионалност,
минимум импровизација и математички успешна емисија. Вип на еден ден е мојата авторска емисија каде го доживеав максимумот и на емотивно и на организациско и креативно поле. Емисија која нема гледач кого не го допрела. Дефинитивно ми останаа уште вестите како формат да ги испробам и да се пензионирам со некое кулинарско шоу од типот на “Баба Снежана и седумте тавчиња„.

Фото: Марио Андоновски

Дали има шанси повторно да те гледаме на ТВ или само на инстаграм?

Секогаш има шанса. Се надевам на продолжување на Вип на еден ден, но не ги исклучувам и другите опции, некој друг формат, друга приказна, друга емисија… Но не по секоја цена. Денес барем е толку лесно да бидеш актуелен и видлив, а не мора да си на ТВ. Не важи веќе правилото: Виде што кажаа на телевизија, сега секој муабет почнува со: „Прочита на Фејсбук?“

Така што ќе почекам времето да си покаже кој пат ќе го фатам, а до тогаш мотивационите и инспиративните, како и спортските и хумористично забавните содржини ќе бидат на моите профили.

Што мислиш за моменталната телевизиска понуда, и каде би можела да се подобри?

Реално не сум задоволна од понудата. Некако последниве години сѐ се врти околу едно исто само во видоизменат формат. А знам дека има и квалитетен, и креативен, и амбициозен кадар. Само некако како да се нема одлучност и желба ни за идеите ниту за промените. Но верувам во поубави времиња. Мора да се случи нешто. Мора да се случи некаков “потрес“ можеби со нов медум, можеби со влез на странска телевизија. Знам дека од оваа состојба и моментална понуда мора да се излезе.

Снеже ќе се вратиме на темата медиуми, но би те прашала нешто за исхраната. Ти си принуден веган, односно алергична си на едно чудо производи. На инстаграм гледаме дека сепак се снаоѓаш. Може звучи чудно ама… Што јадеш?

Пасам. Не јадам. Хахаха!

Значи јадам се што може да се најде во една пиљара или на Зелено Пазарче. Се што е овошје и зеленчук со сласт го јадам. Јадам и риба. За млеко и млечни производи ги консумирам замените од кокос или соја. Реално сега е многу полесно затоа што во светот некако е тренд да се биде Веган, па се креираат еден куп производи баш за тие луѓе. Во суштина мојата исхрана е посна храна, нешто што на нашето поднебје, не е ниту страно, ниту невозможно. Супер се држам. Готвам алтернативни рецепти, споделувам со следачите ако наидам на нов производ и така функционирам. Не е лесно признавам бидејки не ми е тоа одлука, туку задравствена потреба. А од друга страна ефтина сум за одржување купи ми кило јаболки и подмирена сум до вечера.

Фото: Марио Андоновски

Те знаеме од 20тите години и нема некоја особена разлика во твојот изглед. Како? Што те одржува Блескава

Ме чуваат во замрзнувач за да ми се продлжи рокот на траење! Изгледот или визуелниот ефект е склоп на повеќе нешта: генетика, спорт исхрана, избор на книги, филмови, луѓе и начин на размислување. Мора духот од внатре да ти блеска за да ти се види сјајот во очите однадвор. Станување рано 5:47 кога сите спијат, вежбање дур сите мрчат оти е рано, и блескање дур сите се туфкаат како ќе го поминат денот. По малку лудо ама функционира. А од друга страна мора по малку да си луд во ситуацијава ако сакаш да останеш нормален.

Да те вратам на ТВ (или Интернет). Што гледаш? Каква програма најмногу сакаш?

Најчесто одбирам да гледам социјални драми, филмови инспирирани од вистинскиот живот кои длабоко ќе те замислат и ќе поттикнат размислување. Ги сакам автобиографските филмови, а сакам и лесни љубовни комедии баш онака за
разонода и против главоболка. Серии не сум трпелива да гледам.

Кој беше најоткачениот прилог или вест која си ја направила?
Е тоа беше револуционерниот прилог за Црвена Јабука, екс Југословенска група која во Скопје беше дојдена да прослави јубилеј од 30 години постоење или така нешто. И бидејки мојата креативност секогаш ги надминувала границите јас одлучив да земам црвено јаболко со себе како некоја метофора од типот „Дали е здраво да се јадат црвени јаболки?“ и сл. Но Пејачот кој патем беше поприлично под гас, дрско ми одговори: “Не сакам бре јас тука некакви јаболки да ти јадам дали си нормална?!” и побара да ме отстранат… Е тоа беше можност за жал да се покаже и другата страна на големата ѕвезда и обожуван пејач. Голема храброст беше за мене како млад новинар да направам прилог сосема контра од оние кои до сега се правени, а се однесувале на големината на групата, на способноста на пејачот и слично… Јас ја покажав темната страна на славата, ги преброив испиените пива, и ја покажав дрскоста на идолот на многу генерации. И за чудо добив пофалби токму од таа генерација која растела со неговите песни. Не е откачен, но е најхрабриот прилог што сум го направила.

Фото: Марио Андоновски

Која е најголемата ѕвезда со која си работела?
За најголеми звезди ги сметам оние од Жири комисијата на Х Фактор и двете
сезони: Почнувајќи од Жељко Јоксимовиќ, Точи Хуљиќ, Кристина и Александара Ковач, Емина Јаховиќ, Масимо Савиќ. Секако најблиски соработници ми беа водителите Александар Радојчиќ, Антонија Блаче, Ана Михаиловски и Николина Пишек. И благодарна сум, и горда што моето име и нивните стоеле напишани едно до друго на ТВ екранот. Сепак се тоа водителски величини.

И за крај, која според тебе е сега најактуелната македонска личност и зошто?
За жал последниве дестина години најактуелни личности ни се политичарите. Тие добиваат насловни страни тие добиваат едночасовни емисии тие добиваат интернет простор и сл. А би сакала да е тоа некој уметник на пример Милчо Манчевски и неговата “Врба“, филм кој сега е избран за најдобар филм на фестивал во САД. Сакам сите да зборуваат за Влатко Стефановски неговиот нов албум. Сакам да биде најактуелен некој спортист како што беа ракометарите и кошаркарите едно време. Сакам најактуелен да биде некој македонски иноватор кој осмислил некој технолошки изум. Сакам да се зборува за млади и креативни умови кои ќе му дадат добар пример инспирација и мотивација на ова општество. Сакам и верувам дека еден ден ќе биде така!

Фото: Марио Андоновски

Фала Снеже и продолжи да Блескаш!

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
НЕА
НЕА
НЕА е автор на најразлични содржини. Целта е да ги забавуваме сите девојки од сите возрасти, но и да зборуваме за сериозни теми кои ги интересираат. НЕА може да биде секоја девојка од нашиот тим, немаме цел да напаѓаме, само да шириме љубов и „Girl power“!
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!