Виолета Николова е македонска уметница која слика целиот живот, иако и во минатото ги презентирала своите слики пред јавноста, првата самостојна изложба ја прави на 55 години. По објавувањето на сликите на социјалните медиуми, и уметнички платформи брзо и станува омилена на публиката. Не пречека во своето студио со насмевка и турско кафе опкружена со прекрасните слики.
Здраво Виле!
Здраво!
Додека да ги спремиме четките, малку кратки прашања.
Климт или Пикасо?
Густав Климт
Четка или молив?
Се разбира четка.
Апстракција или реализам?
Апстрактен фигуративен реализам.
Масин или Корубин?
Го сакам и Масин, но Михаил Корубин е поблизок до мојот стил.
Утро или вечер?
Дефинитивно утро.
Алтернативна музика или поп?
Поп, но поради Фанк Шуи ја сакам алтернативната.
Море или планина?
Море.
Телевизија или радио?
Телевизија.
Спремни сме.
Како би го објасниле вашиот стил на сликање?
Како историчар на уметност во мојот ликовен опус постоеле различни ликовни фази, но во последниве неколку години се пронаоѓам во апстрактното фигуративно сликарство, особено во портретите. Сликам портрети зашто сакам и интересно ми е да ја искажам нивната експресија во ликовите. Кога се лути, тажни, насмеани, среќни, сериозни. Во ликовната историја на фигуративното сликарство скоро се е насликано. Но новиве уметници во кои спаѓам и јас се обидуваме да спојуваме апстракција и реализам. Тој стил особено ме возбудува, кога во сликата јасно може да се забележи реалистичниот портрет, но сето тоа да биде во еден апстрактен манир со многу бои.
Од кога сликате?
Откако знам за себе ја сакам уметноста во било која форма, а првото платно го насликав во почетокот на 80-тите години.
Веројатно љубовта кон сликарството го имам во моите гени. Поточно од баба ми која била многу почитувана како главниот сликар и дизајнер на свила во тогашната мануфактура во 30-тите години од минатиот век.
Иако сликарството Ви е љубов, сепак работите нешто сосема друго. Зошто е тоа така?
Секогаш сум размислувала дека вистински благослов е да го работиш она што го сакаш, што те возбудува и на крајот да заработуваш од тоа.
Но кај нас многу тешко се заработува само од уметноста, па така скоро 20 год. работам како уредник на филмската програма во Канал 5 телевизија и сум среќна што на некој начин и таа работа ми е интересна, динамична, со многу одговорности и сосема ме исполнува.
Како се одлучивте да ја направите првата изложба и што Ви донесе таа?
После толку години работа на повеќе полиња, тука спаѓа семејството, децата и ангажманот околу нив самото си се издиференцира. Тоа ми беше дамнешна зацртана желба и едноставно се склопија коцките во тој момент.
Се разбира со самата изложба се здобив со публицитет, некои беа сосема изненадени дека воопшто се занимавам со сликарство. А со изложбата имав прилика да се претставам со моите уметнички дела и конечно да се етаблирам како уметник.И несомнено самата изложба донесува многу бенефити.
Колкава треба да биде љубовта кон сликањето за да не се откажете, и на 55 години, навистина да ја развиете својата кариера во една сосема друга насока?
Љубовта и поривот кон уметноста, поточно кон сликарството е огромна. Таа се носи во себе, тоа е начин на живот, начин на размислување. Се’ во животот е опкружено со уметност. И додека сум жива ќе ја имам потребата ликовно да творам и да се изразувам преку неа. Со секое ново платно се случува нова магија. Едноставно се впуштам во ново истражување, а особено се радувам кога ќе го завршам тоа уметничко дело и кога ќе го видам крајниот резултат. Ме прави да бидам горда на себе и на завршената работа.
Каква улога играат социјалните медиуми, во однос на уметноста? Вие многу брзо, за помалку од една година имате над 5 000 следбеници на Инстаграм.
Слободно можам да кажам дека социјалните мрежи се благодет за сите оние кои сакаат да се претстават со нешто, во мојов случај со уметноста. Точно е дека сум активна на социјалните мрежи како Инстаграм, ФБ, и други платформи за уметност и имам многу следачи, а како краен резултат на се’ се случува продажба на истите. Особено ми се допаѓа Инстаграм зашто имам прилика сликите да ги види целиот свет. Се случуваат запознавања со други уметници, разменување искуства , техники и сл . Имам профил на посебни платформи т.е. сајтови кои се занимаваат со продажба на слики, па преку нив лесно се остварува контакт со крајниот купувач и уметничкото дело доаѓа во вистинските раце на оние кои сакаат да го купат.
Изложбата ја отвори нашиот омилен, Васко Тодоров (Тошо Малерот), како изгледаше тоа?
Главната цел на изложбата беше да се изложи мојот труд, а кога целата таа изложба ќе биде осмислена со пригоден говор од моите драги лица како Тошо Малерот и Јована од Фчерашни тогаш целата таа работа добива на тежина.
Исто така ивентот со своето присуството го збогатија многу мои драги пријатели, познаници и роднини, па сето тоа се претвори во една голема забава.
Кој најчесто ги купува вашите слики?
Како што кажав најголемиот дел од продажбата се одвива во странство преку разни уметнички платформи и Инстаграм, особено во Америка и Канада. Но секако имам продажба и кај нас. Моите уметнички дела ги купуваат пасионирани љубители на уметност, обични луѓе, колекционери на уметност, млади, стари луѓе кои ја сакаат уметноста и им значи да имаат мое дело.
Дали сликате за продажба, за себе или за да оставите нешто?
Прво и основно е дека сликам за себе, за да го претставам моето внатрешно доживување, моите чувства и сето тоа да го преточам на платно. Преку четката и шпатулата во секое платно оставам делче од себе.
Сликам за да оставам некаков траен печат зад себе како уметник, за луѓето да имаат можност да ја имаат мојата уметност и како крајна цел е истите слики да ги продадам, зашто со тоа сатисфакцијата ќе биде комплетна. Не би имало смисол само да си сликам за себе, а сето тоа да не се реализира со продажба, прво од економска причина, а второ дека тоа е вредно за вниманието на другите.
Интересно е дека кога сликате не користите само четки, што се се користи за да се постигне тој 3D ефект кој го имаат вашите слики, а кој за жал не може да се види на фотографија?
При сликањето користам различни алатки, најмногу четки, разни шпатули, спрејови со кои постигнувам најразлични ефекти. Сликите се многу колоритни, најчесто употребувам маслени бои, но и акрилните бои не би ги занемарила кои секако си имаат свои предности, но некако со маслените бои го добивам тој 3D ефект. А и самите маслени бои си имаат некаква посебна тежина како краен резултат.
Која е пораката за младите уметници, или оние кои допрва се вљубуваат во сликањето?
Најважна порака за младите е да имаат било какво хоби, а ако е сликањето во прашање да си го следат својот сон, па резултатите со работата и со текот на времето неминовно ќе дојдат. И како што напишал Енди Ворхол, “ Не размислувај како да ја создадеш уметноста, само работи ја. Другите нека одлучат дели е добра или лоша. А додека одлучуваат ти прави уште повеќе уметност (уметнички дела).“
Профил на Инстаграм: @ville_artist на Фејсбук: @Violeta Nikolova Vile
Фала!