Маја готви од А до Ш: Ж – жешки бејглс (жбејглс)

Се мислев што да се готви на Ж уште од буквата Д. Сé што истражив околу буквава беа желирани работи, жулиен месо, жербо торта и жито за помен. Ништо не ми фаќаше око и решив да си ги спремам жешките лепчиња што може да се јадат со жива риба.

Во светов се познати како Бејглс, јас си ги именувам како жбејглс.

Историски, потекнуваат од делови на источна Европа, а најмодерни се во Америка. Најпознати се Њујоршките. Нормално, во Њујорк стигнале со брод, со емигранти кои верувале во американскиот сон. Е па на некои од нив, овој едноставен рецепт им го остварил сонот и ги трансформирал овие жилаво-тегави пецива во хит.

Се работи за еврејски рецеп од Ашкенази евреите и нормално, направен е од зорт и сиромаштија.

По состав се слични на варен Ѓеврек.

Сите кои сте прошетале по светов и сте пробале од певицава, голема е веројатноста да не сте го пробале изворниот рецепт. Од она што сум пробала по европскиве градови (не се многу), а и од она што го истражував во периодот кога бев малку опседната со жбејглс е дека на европско тло тешко ќе најдете да ги пробате со афтентичен вкус.

Ако не сте биле во Њујорк, или не сте засукале ракави по дома да ги спремите, тешко дека може да кажете дека сте пробале бејгл – жбејгл. Може сте пробале нешто што се вика така, но по соcтав и текстура личи на обично лебче, кифла, меко тесто.

Ако после моево писание решите да ги спремате, да ве предупредам! Направете 1 доза, не се летајте да правите количини за да се прехрани ¼ земја. Се јадат дури се тазе. Значи, треба да ги снема за 3-4 саати после печење.

За од прилика 12 парчиња што се доволни за појадок во Недела, со давање на комшиите за проба ќе ви треба:

5 гр сув квасец

15 мл/15мл р = 30мл – малтекс (Јачменов слад)

Може да го замените со мед, јаворов сируп или маџун.

375мл – млака вода

750 гр брашно – Бело пченично (Не ги бива со интегрални и мешани брашна) колку поголем % на протеин, толку подобар резултат. Кај нас, најголем % на протеин во брашно има брашното за пица од жито лукс. Значи, над 10% протеин. Со 13-15% протеин е совршено.

2 лажички сол

50г мак или сусам

Подготовката е долга – треба бајаги чекање 😊. Идеално е да ги спремите во петок вечер, а да ги печете во недела наутро.

Рецептот е едноставен за подготовка, а убавината е доаѓа од комбинацијата на шеќерот со протеинот и времето на чекање.

Подготовка:

Малтексот поделете го во 2 дела по 15мл. Оваа количина е од прилика 6 супени лажици.

1 лажица малтекс, квасецот и водата се мешаат заедно и се оставаат да стојат 15тина минути. Квасецот треба да се активира и да почне да прави балончиња на површината на водата.

Малтексот (секогаш го мешам со молтотекс – тоа е она со што ми беа полни пантолоните за скијање) треба убаво да го измешате во водата пред да го додадете квасецот. Имајте на ум дека е многу леплив.

После 15тина минути, додадете уште 2 лажици малтекс и соединете го со брашното измешано со сол. Треба да се измеси мазно тесто.

Прв пат кога ги месев, набилдав маускули на рацеве како да сум кревала спрат на куќа (сама). Следните обиди беа разумни и тестото го месев со миксер. Имам самостоечки миксер и го почитувам како да е хинду божица. Ми се наоѓа во животов многу често.

5 минути со миксер или 15 минути со раце. Изборот е ваш.

Тестото се остава да одмори 2.5 часа и да си порасне.

После одмарање, треба да го издишите тестото со еден мек и солиден бокс – тупаница среде тесто.
После тоа го делите на 12 делови. Еден дел треба да е од прилика 85 до 90 грама. Ако си имате мака како мене ќе си ги мерите на вага едно по едно.

Секое делче, со рака го сукате во стапче долго од прилика 20 цм, го мотате околку дланката и со прстите ги соединувате краевите. Треба да добиете круг од тестото. Ако ви се големи дланките, може постапката на правење кругче да ја правите на прстите.

Така обликувани, ги сместувате во плех, кутија, тава, ги покривате или со капак или со најлонска фолија и ги оставате во фрижидер. Таму живеат во наредните 18 до 24 часа.

После 24 часа (идеално време за дремење на тестото во фрижидер) извадете ги од фрижидер и оставете ги 30 минути да си дојдат на себе на собна температура.

Уклучете ја рерната на 250°C или на 220°C ако печите со вентилатор.

За тоа време, во тенџере на јак оган, ставете вода со солидна количина сол (3-4 лажици) и 3 лажици Малтекс. Водата треба да зоврие.

Во зовриената вода треба да се бањаат одморените и пораснати парчиња тесто што ќе бидат бејглс за некое време.

Во тенџерето со зовриена вода ставете да се варат кругчињата. Не правете им гужва во тенџерето, нека се бањаат раат и слободно – без турканици.

Се бањаат 30 секунди од една страна, па превртете ги на другата страна. Значи! Бањање 1 минута максимум. Ако се бањаат подолго време, ќе треба да си барате соодветен протетичар да ви земе мерки за нови заби.

После бањање, оставете ги на решетка да се исцедат (ја вадам решетката од рерна и на неа ги цедам). Мацнете ги во сад каде претходно сте ставиле мак. Наредете ги во тава, со намацаната страна надолу и печете 7-8 минути. Потоа, превртете ги и печете уште 7-8 минути.

Извадете ги од рерна, ставете ги да си дојдат на себе 15 минути.

Потоа ги сечете на пола – мачкајте со крем сирење (од двете страни), наредете парчиња пушен лосос, поклопете ги и наздравје.

Ова е ако сакате класично полнење.

Алтернативите се безброј. Омилени ми се со крем сирење и домат во лето и крем сирење со сланинче и печена црвена пиперка во зима.

Ако не ги изедете во период од 3-4 часа после печење, ќе треба да ги топлите или тостирате.

Наздравје!

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
НЕА
НЕА
НЕА е автор на најразлични содржини. Целта е да ги забавуваме сите девојки од сите возрасти, но и да зборуваме за сериозни теми кои ги интересираат. НЕА може да биде секоја девојка од нашиот тим, немаме цел да напаѓаме, само да шириме љубов и „Girl power“!
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!