Мало или не многу мало, дебелко, воздушесто и убаво испржено топче од месо со зачини и билки! Неговото височество, Ќофте! Или во Прилеп, Чофте!
Секогаш ми е класа погоре и од плескавица на скара и од бургер месо! Едноставно, Ќофте си е ќофте! Мириса на детство, на ќофте во крешник и акање по улица со плус додаток печена или пржена пиперка што ја мафтам во десната рака ко знаме оти во левата е богатсвото од крешник. Прска масло од пиперката на сите страни, јас со цела педантност и спретност што ја немам, до лакта мрсна ама ќофтето е за медаља! Најслатко на светов.
Бате многу сакаше четврток во градинка! Јадеа ќофте и пире компире! И до ден денес таа комбинација и буди насмевка на лице и знам дека ќе јади без да чачка и чепка низ пајнцата и да дели, ова јадам ова не јадам.
Ќофте ми е секогаш најава на топло време, на лето, на селење во летна кујна, на летен ручек! Пржени пиперки, ќофтиња, компири и пржени домати во придружба на лубеница како десерт и газоза за пиење. Ќе ручаш, па има пауза од 10 -15 минути да си дојдиш на себе, оти си се натапанил како да ќе нема утре и само слушаш офкање на маса или на некој му паѓа глата па ќе дремни потпрен со брадата на рака. После е циркузот! Треба да се раскрени, да се спастри па да се вари кафе и тука стално сме имале со бате моменти на сериозни преговори, напуштање на преговарачка маса, лутење!
-„Јас само раскревам, ти ништо не прајш“!
-„Не е фер, јас вчера раскревав и плус ја поставив масата“! И така тоа може да оди до недоглед ама најчесто на сцена настапува олеснувачот, Мајка ми и многу брзо ни олеснува која што треба да прави! Нема приговори, има забушавање, најчесто од моја страна и нормално, пак кавга со бате ама денот е прекрасен, секако!
Сега сме возрасни, свои на свое, ама ми фали летно кркање ќофтаци со сите на куп!
Деновиве се навршува година откако сме испозатворени и поделени заради пандемија, и по сите најави изгледа ланскиот концерт ќе се свири и оваа пролет и ќе биди ајмо карантин од почеток! Повторувањето е е мајка на знаењето! Репетицио ест матер ни расплакавте!
Не сме се собрале племенски одамна! Внук ми го гледам само на слики и видеа на Вибер! Кујзне како ќе ја памти баба му Маја 😊 Како апликација на телефон 😊
Ми фалат групни ручеци од по 20 и кусур луѓе со викање, како што сме си сите фамилијарно грлати, уши да ти свират отпосле! Ангел уште не присуствувал на таков семејно-ритуален собир! Додуша си набави слушалки за работа со шмишајбна и хилта за да можи да го куртули денот! Се е спремно, само никако да се собериме!
Феноменот ќофте се разликува многу од плескавица и од најновиот за нашиве краишта член на семејствотот мелено месо, бургер.
Разликата со бургерот е што ќофтето е со мешано месо: Прасе и Јунче а бугерот е чисто Јунче! Плескавицата си има други карактеристики! Амур за плескавица може да се најди само во Прилеп и ќе ве молам да ме поштедите од тоа кај све имало убави плескавици по државава! Одете Прилеп, јадете и после Че прајме муабет. Значи, плескавица оди на скара! Не можиш да пржиш плескајци, не ја бива!
Ќофтето си е домашарче! Ретко кога го служат по кафани и ресторани! Домашар е, си има додатоци во него што го прават идеално и за пржење и за печење! Може да го удавите во каша или во сос од домати, да му ставите ориз во смесата па да го пуштите да плива во супа со ќофтенца! Значи, ќофте е домашна манџа со извнореден број на вараијации на темата! Дури може да биде од пилешко или од мисирка (простено нека ви е на сите со мисиркиве и пилешкото, денов е таков)
Инаку, изгледа многу просто и едноставно ама ела погоди го да те видам. Ќофте се прави со мерак и натенане, без брзање, без нервози.
Си има дел и чекање, дел гмечење, дел сецкање и плачење! Сума сумарум, ако ти се брза не прај ќофтиња, нарачај ќебапи!
Еве со мајка ми на телефон се објаснуваме кој правел најубави ќофтина освен мене 😊 и така стигнавме до најубавите ќофтиња ги правела мајка му од тато, не ги плескала многу, поокругли ги спремала, со кромдче и магдонос и среда од леб и млеко и тн…Исто така мајстори за ќофте биле тетка ми Ценка и Муљазим, и двајцата не се веќе меѓу нас ама спомените за мириси и вкусови се тука. Ценка праеше најбезобразна чорба со ќофтиња и многу многу рендани моркови. Како мала не можев да ја гледам таа супата, како голема често ја јадам и ја сакам, сестра ми уште не ја засака чорбата. Не ги памтам ќофтињата од Муљазим ама затоа кременадлите пржени со мајчина душица никогаш нема га заборавам! Пржени на салце во едноставно чингено тенџере со сол и мајчина душица. Леле на то дното на тенџерето како се беше фатила една коричка за мацкање, мислам дека вкусот ми е останат запамтен негде во катнициве.
Значи, најубаво ќофте може да спреми оној што има убаво месо! Ако немаш убаво месо ништо не ти помага! Можи да имаш кујна научна фантастика и додатоци дирек склепани од Елон Маск, ама месото ако не се погоди, џабе е!
За Ќофте ви треба:
½ кг Свинско месо со поќе мрсничко на него
½ кг јунешко месо
1 убава и големка главица кромид
½ киска магдонос
1 јајце
20-30 грама презла
20мл масло за јадење
Сол, вегета, црн бибер, црвен пипер
½ пакетче пециво
Јас имам мелено свинско месо, оти нели памтите дека со тато купивме прасе од 170 кг есеноска па си имаме месо по дома. Јунешко си пазарив од Месара од Гиго и си го однесов дома. Решив сама да го сомелам јунешкото и да го соединам со свинското што го мелев есеноска.
Значи, 2 пати на машина, штрак, штрак, после го измешав со свинското, па уште еднаш ги поминав така измешани низ машина и решив да им го бапнам и кромидот. Смачено ми е од солзи ронење ради кромид а не ми се валкаше рендето електрично и го бапнав кромидот во машината за месо мелење! ЛЕПОТА!
И така кромидот отиде во месото а после следеа сите зачини и магдоносот па една тура гмечење со рака. Другарка ми Маја тој дел не го можи, језивко и било да фаќа живо месо 😊
После додадов презлата, пециво и јајцето па уште една тура гмечење и прицкање и кога се е идеално соединето, ставив во фрижидер на еден час да си постои и да му дојди душата од толку гмечење.
Ако немате живци и време да се мафтате како мене со месото, купете си готово мелено месо и терајте така, остајте јас што не немам осет дека е 2 и 30 а уште не сум почнала да ги пржам ќофтињата.
Ќофтињата се испржени а богами и изедени. Останаа уште 2, за да може вечер да си го кажиме вицот со Ангел.
Седи жената в дневна и слуша се пали светло во кујна и му вика на мажот: Донеси ми и мене едно ќофте.
На здравје!