Повторно пишуваме на тема литература. Минатиот пат Саш Димитрова не однесе во Италија, а овој пат остануваме дома. Празничниот викенд не мотивираше да направиме листа на македонски автори и книги кои Ви препорачуваме да ги прочитате. Па, повторно по препорака на Димитрова, еве го нашиот избор:
Румена Бужаровска – Мојот маж
Збирка на раскази од Бужаровска, врз база на која е направена и претстава од режисерката Нела Витошевиќ. Само навидум хероините зборуваат за своите мажи, а всушност ја претставуваат својата реалност. Ја препорачуваме бидејќи секоја приказна е некако позната, но раскажана со многу искреност, едноставност и хумор. Нема да сакате да ја оставите. А откако ќе се отвори театарот (се надеваме наскоро), ќе можете да ја погледнете и театарската претстава според истиот текст.
Венко Андоновски – Вештица
Андоновски е еден од омилените автори на сите читателки. Често главните ликови во неговите книги се жени, чија страна авторот ја зазема. Интересни книги, кои ќе отворат многу прашања. Ако не сте ги прочитале, навистина Ви ги препорачуваме. „Вештица“ е потресна приказна, за една жена чиј најголем грев е тоа што е жена. Познато, зар не. Ќе не потсети и колку сме среќни што живееме во ова време, и што некој пред нас се изборил да не останеме „Вештици“.
Игор Станојоски – Првиот Универзитетски ден на мојата ќерка
Авторот кој е познат по пишувањето трилери и во оваа книга ќе Ви го задржи вниманието. Ако ја немате прочитано, Ви ја препорачуваме „Првиот Универзитетски ден на мојата ќерка “. Се што ќе ви кажеме е дека ништо не е онака како што изгледа.
Николина Андова Шопова – Некој бил тука
Тешката животна приказна го тера главниот лик во романот да почне (вонбрачна) љубовна врска која му помага да избега од реалноста. Кога бега, оди во стан на колешка на неговата љубовница и тоа станува неговото прибежиште. Дејството на книгата е повеќе поврзано со станот-тука, отколку со аферата. Оваа книга дефитинитивно нема да ве остави рамнодушни.
Се надеваме дека Ви се допадна нашиот избор. Кажете ни кој е вашиот омилен/а македонск/а автор/ка?