Доколку имате Инстаграм и сакате да се едуцирате на тема здрава кожа, најверојатно ја следите magnolia.glamour. Зад профилот стои млада жена која е фармацевт (а наскоро и доктор на науки) по фармација и дава совети за нега на кожата. Од Македонија е, а живее во Франција, и ни се допаѓа тоа што е стручна во однос на советите кои ги дава. Нам ни е една од омилените, па одлучивме инспирирани од тоа, да пренесеме една од нејзините препораки.
Постот „Како да ја негувам мојата кожа?“, според нас е добар почеток за сите кои не знаат како да почнат со соодветна нега.
Таа препорачува два чекори за читстење на лицето навечер и еден наутро:
Утро – чистење само со гел или чистач на база на вода.
Вечер – 1. Чистење со маслен отстранувач на шминка (масло за чистење или некое друго масло), за да се отстрани слојот од шминка и нечистотии растворливи само во масло; 2. чистење со воден чистач, исто како утрото.
Втор и еднакво важен дел од негата е хидратацијата:
Таа препорачува хидратација во (најмалку) 2 чекори: 1. хидратантен тоник и/или хијалуронска киселина; 2. хидратантен крем. Доколку имате сува кожа може да нанесете и хранлива крема, со цел соодветно да ја нахраните сувата кожа. Кремата може да се замени и со маслен серум, кој ја негува кожата, ја храни и ги намалува брчките, акните и лузните.
Подолу е објавата на Магнолија со деталите.
View this post on Instagram
Она што ни се допаѓа е дека има совети за најразлични состојби на кожата, односно не само за нега туку и за лекување на акни и слично. Сепак, иако се работи за стручно лице од областа на фамрацијата, доколку имате сериозни проблеми со кожата најдобро е да консултирате доктор, дерматолог. Кога следите инстаграм профили, кои не се стручни во областа, имајте на ум дека најчесто зборуваат од искуство. Кремите кои ги пробале, можеби им одговараат ним, но може да не се совршени за вашата кожа. Исто така, не секој е експерт во одредена област. Внимавајте кои трендови ги прифаќате и кој ги препорачува. Бројот на следачи, не ги прави луѓето експерти. Минатата недела пишувавме токму на оваа тема.