Фотографката Александра Костадиновска: Најудобно се чувствувам зад камерата

Здраво Александра!

Здраво!

Почнуваме со малку кратки прашања, да наместиме фокус, светла… знаеш како е.

Фотографија или видео?

Двете.

Црно-бело или во боја?

Боја.

Луѓе или природа?

Животни.

Портрет или широк кадар?

Портрет.

Модни едиторијали или спонтани фото-сесии?

Спонтани модни едиторијали.

Пред или зад објектив?

Зад.

Професионални модели или ликови од улиците?

Зависи.

Оф-топик чоколадо или паста?

Чоколадо.

Музика, домашна или странска?

Странска.

Подолго време се занимаваш со фотографија, но сепак си млада. Како и каде почна твоево фото-патешествие?

Long story short, во 2009 година на одмор во Турција. Ми беше досадно на плажа и за прв пат го фатив Кодакот на татко ми. Го ‘открив’ фокусот и од тој ден си откривам нешто цело време.

На твојот инстаграм профил може да видиме многу, прекрасни фотографии од се и од сите освен од тебе. Зошто?

Една од причините е што мојот инстаграм профил е моето најлесно достапно портфолио и верувам дека луѓето кои ме заследиле во текот на годините се тука за да ја следат мојата работа. Втората причина е што ми е ужасно неудобно пред камера (фала ви за трпението и разбирањето) и откако ќе се видам на некоја слика хаха.

Фото: Марио Андоновски

Кои совети им ги даваш на девојките кои не се најопуштени пред камерата? Има ли пози кои „сигурно функционираат“?

Пред да почнеме со фотографирање, секогаш се трудам да одвојам неколку минути и да се запознаам со моделите за меѓусебно да се чувствуваме поопуштени за работа. Што се однесува до позите, да, постојат неколку кои ги практикувам на почетокот на сесијата за да видам и на самиот модел што повеќе му одговара.

Ако треба да ја претставиш 2020 со една од твоите фотографии, која би била таа и зошто?

Во првата половина од годинава бев окупирана со завршување на магистерската работа поради што апаратот не ми беше приоритет и изборот на фотографии не е голем.

Сепак фотосесијата за Тоска, новиот бренд на Ања Макеска, би ја издвоила како посебна за мене бидејќи ми го обележи токму тој премин од едно во друго поглавје од животот и ми ја размрда креативната блокада.

Фото: Александра Костадиновска за ТОСКА

Студираш архитектура, но веќе отвори свое студио и активно се занимаваш со фотографија, ќе одбереш едно или ќе ги работиш двете?

Поглавјето ‘архитектура’ го затворив пред еден месец и во блиска иднина не планирам да го отворам повторно. Во моментов имам можност целосно да се посветам на фотографија, видео и моето студио, да научам и креирам нови работи и токму тоа ќе го правам.

Имаш ли идол, некој од чии фотографии учиш? Кои ти се омилени фотографи кај нас?

Немам еден идол, но постојат еден тон фотографи чија работа ја следам постојано и неизбежно влијаат на мојата инспирација и начинот на кој креирам. Од нашите фотографи би го издвоила Горан Поповски HLVK како неуморен уметник кој постојано експериментира и го надградува својот стил.

Фото: Марио Андоновски

Кој модел, или модели ти биле омилени за фотографирање? Со кого, едноставно обожаваш да работиш?

Можам искрено да кажам дека сум имала позитивни искуства со повеќето од моделите со кои сум соработувала. Кога веќе морам да бирам, ќе ја спомнам глумицата Наташа Петровиќ. Имав чест и можност да соработувам со неа на две апсолутно различни фотосесии каде до израз дојде нејзината професионалност пред камера и способност да се адаптира на даденостите, да ги прифаќа сите предизвици и да возвраќа само позитивна енергија.

Како изгледа работата на фотографите, во време на пандемија?

Освен што носам маска и не се гушкам со луѓе, останатото се одвива нормално.

Што е најважно за добра фотографија? Светло, момент, модел, композиција…

Се од горенаведеното.

Фото: Марио Андоновски

Ако „небото е граница“, со кого би сакала да направиш фотосесија?

На првото место на “a girl can dream” листата веќе неколку години е да бидам официјален фотограф на некоја турнеја на Jungle и да го документирам нивниот живот во текот на тие неколку месеци.

Фото: Марио Андоновски

Фала!

Фала ви и на вас!

Иако Александра најудобно се чувствува зад камерата, и пред неа одлично се снајде. А за да се изнагледате убави фотографии, одете на нејзиниот инстаграм профил @aaaesthete.

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
НЕА
НЕА
НЕА е автор на најразлични содржини. Целта е да ги забавуваме сите девојки од сите возрасти, но и да зборуваме за сериозни теми кои ги интересираат. НЕА може да биде секоја девојка од нашиот тим, немаме цел да напаѓаме, само да шириме љубов и „Girl power“!
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!