За време на карантинот кога не се прејадувавме, се трудевме да јадеме здраво. Најчесто тоа подразбира, јајца или овес за доручек.
По одредено време ви здосадува и овесната каша, и омлетот, па така во потрага по нешто позабавно ги најдовме овие палачинки. Еднакво лесно се прават колку омлет, а потоа, само измислувате комбинации со омилените овојшја и путери. Да не должиме, еве како да ги направите:
Се што ви е потребно:
2 лажици овесно брашно-мелен овес
1 јајце
2/3 банана
Цимет (по вкус)
~500 калории (со 1 лажица путер од кикирики или бадеми и шумско овошје)
Изгмечете ја бананата со вилушка (ова е забавно!). Во еден сад измешајте ги јајцата, овесното брашно и претходно згмечената банана. Ставете тавче кое не се лепи на посилен оган. Ставете малку масло и премачкајте го тавчето. Со лажица формирајте палачинки од смесата. Печете ги една по една.
Ние добивме 3 мали “американски” палачинки, и верувајте дека се доволно за една особа. Сервирате со што сакате.
Нашиот избор денеска беше: путер од бадеми, останатата банана и замрзнати малини.
Бонус совет: Превртете ги палачинките во моментот кога на горната страна ќе се направат мали меурчиња за да не ви се распаднат.
Ви ветуваме дека повкусна “овесна каша” не сте пробале 😉