Маја готви од А до Ш: Ј како јаболка со јатки – Американска пита со македонско брашно

Од сите овошја што ги имаме, јаболкото е некако најпотценето. Го шуткаме и забаталуваме настрана, демек, еее јаболко, чудо големо што било, има еден куп.

Ама јаболко е сериозна институција, од орудие за протерување на Ева и Адам од рајот преку адети врзани со мажење и жененење до труење по приказни. Снежана со јаболкото се зезна што го касна, ама си има витамини пустото па дури рикаа џуџињата околу неа, таа беше лепотица, ептен и ја опраи кожата, блескаше  😉

Супер овошје е, демек по едно во денот да јадеш и нема потреба да одиш на доктор, тоа не се важи! Јадете јаболка ама и одете на доктор, на систематски барем еднаш во годината ако имате над 35години.

Јаболкото како такво, со сите негови видови и подвидови од златни делишеси преку јонатан и муцо си има свои различни специфики, мириси, благост, сочност ама една карактеристика за сите видови е збирна – прекрасно одат со цимет и ореви.

Тоа е комбинација што не може да ја утнеш. Јаболко и цимет = Дома, топло, удобно, зима, меко, мискојни миризливи, зимска рекреативна програма,  удобно.

Јаболка користам и во благо и во солено. Одлично оди со пржени кременадли или во зелка манџа – фантастично! Исто така оди со мед, јатки, во торти, штрудли, пити, пудинг. Пире од јаболко е институција!

Пита од јаболка и штрудла ми се некако блиски ама далечни братучеди што не се гледаат многу ама имаат слични размисли и поглед на животот, само што живеат во различни средини. Јаболкото во штрудлата живее во заедница со цимет во стан во долга и тесна зграда а во питата живее во заедница со циметот ама во дворче со дрвена ограда и имаат шупа за ореви, лешници…

Штрудлата со готови кори сум ја правела често и на различни начини, здравје да стигнам до Ш може и за тоа да пишам рецепт.

Со пита со јаболка се занимавам од скоро, секогаш ми било шубе со тестото за пита, да не го утнам. Не сакам да мириса на фрижидер, не сакам да се лепи на заби и да остава онаков брашнест вкус или кога ќе се излади да е маргаринесто и да се лепи на заби или да им паѓаат вилиците на бабовци и дедовци. Не сакам ни да е водено и глекаво, сакам да е рофко, мирзливо и путересто.

Го квачев рецептот за тесто за питава многу време! Читав разни рецепти, па читав физика на тагата, па Харари го завршив, рецептов никако да го натокмам.

На крај, татко ми донесе едно брашно од Струга, сите дилеми ми ги реши! Бело брашно ама многу ми се погоди и само него си го користам. Од локален млин е!

Ајде брашново го најдов, путер имам, арен е, е сега уште добитната комбинација на зачини за јаболката и спремна сум.

Мисловниот процес со питава одеше и до нарачка на специјално орудие за сецкање и соединување на путерот со брашното! Го чекав од алиексперс 4 месеци, во Февруари нарачно во јуни стигна. Што си можев си правев да си го одолговлечам процесов ама цело време ми работеше во позадина.

На крај беше, мечка страв мене не!

Рецептов го склопив после неколку месеци заглавување со разни пити, сите тие беа помалку или повеќе успешни! Сите ги изеде домашниот тестер сирот, нема што да прави, нема бегање 😊. Храна не фрламе, комшии немаме!

Состојки за тесто:

Бело брашно 330 грама

Путер – 220грама

Вода – 6 лажички

Сол- ½ лажичка

Шеќер – 1 лажичка

Состојки за фил:

5-6 јаболка – мешана сорта, иста сорта, што ви се наоѓа дома

150 гр јатки – Јас ставив мешавина од јатки што ги имав ( орев, бадем, лешник, пекан и бразилски орев)

Зачини одокативно, по желба. Овде имам: кадамом, цимет, каранфилче, морско оревче и ванила.

100 гр путер

45 гр брашно

125 гр шеќер (измешав пола/пола – кафеав шеќер со мед) Може и така а може и само мед

60 мл вода

Подготовка:

За тестото да е рофко и пуфкасто, путерот мора да е ладен, водата исто така.

Имате опција тестото да го спремите рачно или со сецко за храна. И во двата случаи, најважен момент е водата и путерот да се ладни. Тестото што ќе го добиете на крај не треба да е тесто, треба да се трошки или топченца од измешан путер со брашно и водичка.

Значи, брашното просеано го ставате или во голем сад или во сецко, изборот е ваш. Додавате шеќер и сол и ги соединувате. Рачно, со мешање со рака, ако е со сецко, еднаш да направи брм брм е доволно.

Путерот! Исечете го на ситни коцки! Ако ви е дома топло (сигурно ви е, надвор е кочан ладно, а плус е декември) после сецкање вратете го на 10 минути во замрзнувач да се стегни. Сериозно е важно да е ладен путерот.

Додадете го во брашното и доколку работите со рака, земете виљушка или орудието што погоре го спомнав и соединете го путерот со брашното. Треба да добиете мали точпченца путер со брашно. Ако работите со сецко, неколку отсечни импулси требаат за да се соедини. Не го оставајте сецкото да врти цело време. Значи, принцип пали гаси! Брм, брм, брм и ќе се соедини.

На оваа песоклива структура ќе ја додадете водата, распоредете рамномерно, не на едно место и продолжете со процедурите погоре објаснети, дури не добиете трошки и топчиња.

Смеасата се истура на работна маса и нека не ве плаши што е како песок. Соберете ја со раце и направете 2 идентични купчиња, притиснете ги да се соединат (не да месите) и такви полу соединети, завиткајте ги во најолнска фолија и праќајте ги на заслужен одмор во фрижидер минимум 1 час.

Додека тестото е на зимски распуст во фрижидер, испечете ги и иситнете ги сите јатки што ги имате и ставте ги на страна.

Излупете ги јаболката и сецкајте на тенки ленти, ставете ги во сад со вода и малку лимон да не потемнат.

Во длабок сад на шпорет растопете го путерот и додадете го брашното, нека се соединат а потоа додадете ја водата и шеќерот. Цело време мешате со жица за матење, да не се направат грутки и да не се залепи смесата за садот.

Ќе добиете нешто како бешамел сос, тргнете го од оган и измешајте ги во него јаболката, јатките и додадете зачините.

Сосот за полнење е готов, заврши и распустот на тестото!

Рерната на 220 да се загрева.

Набрашнете ја работната маса, набрашнете го сукалото, рацете, ако сте како мене трапчовци ќе ја набрашните и пола кујна со четврт трпезарија, мачката и инкасаторот.

Тестото го работите, едно по едно! Првото парче го вадите од фрижидер, одмотувате и пробајте да направите накаква топка. Треба да го исукате во круг колку што ви е голем садот за печење, за оваа количина на тесто нешто до дијаметар 22цм ќе ви е доволно. Јас си печам во керамичко тавче. Тестото треба да е дебело 7-8мм, смотајте го на сукалото и така префрлете го во садот за питата. Убаво поставете, да нема џебови за воздух. Тестото треба да ја следи формата на садот. Ако имате вишок од страните не е страшно, ќе ја затворите питата со него.

Истурете ја смесата од јаболка и јатки и убаво распоредете по цела површина.

Второто тесто го вадите од фрижидер, иста процедура со набрашнување како за првото.

Ова е капакот за питата. Имате опции, да го исукате во круг колку што е дијаметорот на садот и да ја преклопите питата, да го исечите на тенки долги линии и да ги наредите одозгора во плетка каква сакате. Имате опција да го исукате и да го исечите во некакви форми и пак да го ставите над смесата одозгора. Значи, затворањето на питата е опционално, како сакате, така!

Јас ја исеков на ленти и ја сплетов по принципот на едно над, едно под. Плетка како дрвена кошница.

Залепете ги краевите на долното тесто со горното, вишокот исечете го и ставете кај што има помалку. По работ на садот треба да формирате прстен од тесто кој што ќе го обликувате по принципот, штипни ме. Го штипкате палецот од едната рака со палецот и показалецот од другата преку тестото. Треба да добиете мали лелеави крајчиња, слично како кај пица.

Така убаво затворена, питата ја премачкувате одозгора со жолчка од јајце, растворена со малку вода и ја ставате во загреаната рерна.

На 220 печете 15 минути, потоа намалете ја рерната на 180 и печете уште 40тина минути.

Е сега, куќата ќе мириса мискојни од питата! Ама пазете, жешка е, ќе се испопарите ако сакате одма да пробате! Ова е од лично искуство оти јас сум од лаком дол и се испопарив на јазиков од нестрпливост.

Бидете трпеливи, нека се излади! Сечете, сервирајте или не и јадете! Првото парче е само прописно исечено кај нас, после тоа се јаде од централа.

Наздравје!

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
НЕА
НЕА
НЕА е автор на најразлични содржини. Целта е да ги забавуваме сите девојки од сите возрасти, но и да зборуваме за сериозни теми кои ги интересираат. НЕА може да биде секоја девојка од нашиот тим, немаме цел да напаѓаме, само да шириме љубов и „Girl power“!
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!