Стефанија Несторовска е девојка која на Инстаграм објавува здрави рецепти, како и финтес совети. Она што нам особено ни се допадна е тоа дека рецептите се здрави, вкусни и лесни за подготвување. Веќе ги пробавме крекерите, и го споделивме рецептот. Си направивме и краток муабет со @snestorovska, кој е во продолжение:
Што најмногу сакаш да готвиш?
Сирови (RAW) десерти.
Нај„лајкуван“ рецепт?
Мини чизкејк-чиња од капини.
Највкусен рецепт?
Ооо не ме терај да бирам! Сите на различен начин ми се убави и вкусни во зависност дали е доручек, ручек, вечера, благо или солено и слично.
Колку е важно вежбањето за да бидеме фит?
Многу, МНОГУ важно. Не само за да бидеме фит него и за психичко и ментално здравје. Не мора тоа да биде класично вежбање – може да биде прошетка до Водно, во парк, на кеј, возење точак или било каква физичка активност.
Како почна приказната со Instagram, дали планираше да се бавиш со тоа?
Пред неколку години почна да ме интересира фитнес и здрава исхрана. Почнав од време на време да објавувам и на Инстаграм, што готвам, што вежбам… Не се сеќавам конкретно кога прерасна во ова што е денес ама се тоа беше спонтано и природно. Немаше некој пресуден момент ама кога почнав да приметувам дека станува доста интересно и за другите почнав да станувам се поактивна и поактивна. И еве сме денес – заедница од 18.000 луѓе што секојдневно учиме и си споделуваме трикови и совети и навистина уживам во целата оваа приказна.
Колку време одзема готвењето, ако сакаме да се храниме здраво?
Подеднакво исто како што би одземало и кога не се храниме здраво. Буквално!
Кој рецепт те изненадил?
Есенските јаболко мафини. Изненадување беше дека се толку вкусни со толку малку и едноставни состојки!
Која е твојата публика на инстаграм?
Немам публика – имам Инста пријателчиња кои се најголемата позитива на социјалниве мрежи. Многу ги сакам и не ми е важно колку години имаат, кој пол, која вера се – најдобри се и мои си се.
Дали готвењето здрава храна и инстаграм профилот ти е професија или хоби?
Хоби ама се надевам дека за брзо ќе биде и професија. Готвењето здрава храна, не Инстаграмот.
Кои профили за готвење ги следиш ти?
Ох… па едно 500-600 профили за готвење следам така да не би можела да издвојам.
Светска ѕвезда со кој/а би сакала да одиш на ручек?
Со никого! Ама најискрено. Не идолизирам познати личности.
Дали броиш калории или само внимаваш на внесување здрави состојки и зошто?
Калории не бројам и никогаш не сум броела. Сметам дека тоа е доста рестриктивен пристап кон здравата исхрана и може да донесе многу психолошки проблеми и опседнатост кон храната ако се користи на долг период. Секако – како и за сите други работи кога станува збор за начин на исхрана – не постои правилно и не правилно. Доколку тоа не функционира за мене, можеби е добар начин за друг. Мојата исхрана се базира на целосни, здрави состојки и тоа е тоа. Без многу комплицирање и продлабочување.
Да ја искористиме, старата добра фраза, за повеќе рецепти следете ја @snestorovska на Инстаграм.
Фала Стефанија!