Почетокот на овој милениум покрај најразлични апокалиптични сценарија, “Waiting for tonight” на Џеј Ло и чудните наочари што сите ги носеа на дочекот на новата година, го одбележаа и некои дискутабилни модни трендови. За да не ни недостигаат, тие повторно се вратија!
Патем некои од нас беа деца на дочекот на 2000та година, и сеуште имаат трауми од овие наочари
Сакале ние или не, сатенските фустани без прерамки, пуфкастите здолништа и силиконските прерамки, го имаат својот камбек. Да не ни биде малку ова со модата, се вратија и апокалиптичните сценарија, ама тоа сега не е темата.
Во NEA.mk ги одбравме најинтересните трендови од 2000тите години, кои се повторно носиви. Ѕирнете во вашите стари облеки, или во гардероберот на мајка ви, може ќе најдете нешто од пред 20 години што е апсолутно ИН.
Сатенски фустан, без прерамки!
Се сатенско може да изгледа многу застарено. Но, доколку се одбере вистинското парче и не мора. Селена Гомез е одличен пример за избор на модерни сатенски парчиња. Мислев дека никогаш нема да го кажам ова: Сатенски фустан? -Зошто да не?
Кратки Маички a.к.а Кроп топ
Ако имате под 20 години, не кроп топ маичките не ги измислија трап кралиците на денешницата, ниту Дуа Липа. Еве како тоа го правеше Кристина Агилера.
Кратки топ маички, без прерамки
Како и сите други видови на кратки маички, се вратија и оние без прерамки, како да ни недостигаше да ги поткачуваме со рацете по цела вечер. Некои од нас, кои се несигурни за „мевцата“ до пазувите, не го обожаваат овој тренд. Она што е ново е дека до 2020 научивме дека никој не е совршен, и дека овие мевца може да бидат и многу слатки. Така што, девојки, уживајте во се што ви нуди модата за 2020та и плакарот со стари маички од 2000та.
Фустан над фармерки
Да, и јас се обидував да заборавам дека сум го носела ова, ама еве го пак! Иако не ни е омилен тренд, сепак факт е дека има девојки кои одлично го носат. Така што, пробајте, никогаш не се знае! Ако ништо друго, барем е удобно.
Kапчиња
Имам едно чудо капчиња и најразлични качкети од основно. Особено беа модерни кога ја гледавме серијата „Млади бунтовници“. Не знам за вас, ама знам дека за нас кои само што станувавме тинејџери, беше вистински хит. Па како што серијава се врати „на бис“ и се прихажува на Netflix, така се вратија и спомените, а очигледно и модата.
Сандали со врвци кои одат до колената, па и над нив (Фенти)
Одлични за шетање од кујна до тераса, па со маска до продавница и назад дома… Реално овој тренд не е воопшто лош, па затоа и со право се враќа на „бис“ неколку лета по ред.
Пердувести јакни – т.н. Монтки.
Сакале или не, еве ги пак! Некои од нас ги обожаваат, други се чувствуваат 3 конфекциски броеви поголеми кога ги носат, но едно е сигурно – си ја вршат работата. „Монтките“ се многу топли, а некои верзии од истите се и доста мангупски. Факт е дека не стојат добро на секоја форма во која доаѓаат нашите прекрасни женски тела, но за разлика од порано, сега има многу различни видови и должини на пердувести јакни, па сите ќе си ја најдеме својата омилена.
Ова се нашите нај(не)омилени трендови од 2000те кои се враќаат на сцената. Во некое следно продолжение ќе споделиме уште најмалку 5!
А, во меѓувреме одиме да провериме дали уште нешто кое веќе го имаме во гардероберот се вратило во мода.
Ах, да! И овие се вратија