Прво, да се разбереме, едното не го исклучува другото. Односно, доколку се одлучите за ботокс, тоа не значи дека не треба да се грижите за вашата кожа на дневна основа. Во нашиот тим, ние не сме најголеми фанови на ботоксот. Сепак, јасна ни е желбата да се проба овој начин на подмладување. Планираме да пишуваме повеќе и на темата естетска хирургија и „разубавување“ затоа што кај нас има премалку инфромации. И додека ги ставаме под тепих овие појави, често се случуваат грешки. Па така, многу девојки прават зафати кои на крај го влошуваат нивниот изглед, што е спротивно од намерата.
Да почнеме од цената. Ботоксот не е многу скап. Особено ако практикувате редовна грижа за кожата и посетувате козметиколог и користите повеќе препарати за нега на кожата. Просечните креми за лице имаат цена од 400,500 до 3000 денари. Но, да кажеме дека просечно тоа се 1000 денари месечно. Доколку одите на редовно чистење на лицето на козметичар, додадете уште толку. Тука не се вклучени и препаратите за чистење лице, како и препаратите кои ги користиме покрај кремите (серуми, тонери, масла, креми за околу очи…). Па така, месечно доколку сакаме негувана кожа и вложуваме во таа нега, ќе трошиме помеѓу 1000 и 3000 денари. Ботоксот е 6000-10000 денари за 6 месеци. Сепак, потребите варираат од една до друга кожа. Некои имаат среќа да имаат кожа која блеска и само со хидратантна крема, други пак, имаат потреба од повеќе препарати. Како и да е, ботоксот не е толку скап. Но, и резултатот од него не е траен.
По 6 месеци од третманот истиот треба да го повторите. Додека вложувањето во правилна нега на кожата не се „враќа назад“ и нема еден ден само да исчезне. Но, доколку се одлучите за нега (без ботокс) тоа значи редовна грижа. Резултатите се поприродни и помали отколку со користење на ботокс. Негуваната кожа не значи 0 брчки, туку убав сјај, убава боја и помалку брчки. Изборот е ваш и не треба да биде на никој друг. Сепак, имајте на ум, дека доколку ставите ботоксот без нега, не изгледа баш убаво. Така што, доколку се одлучите за истиот, информирајте се, направете го тоа за себе и направете го на соодветна возраст. Девојчињата на 17 години, немаат потреба од ботокс (и во ова сме сигурни). Но, оние жени кои ќе се одлучат за вакви третмани, треба да знаат дека е најдобро третманот да се направи од стручни лица. Често се случуваат грешки.
Сепак, имајте на ум дека борите се природни, тие се доказ дека сте живееле и сте се смееле. И доколку не сакате, немојте да ги „бришете“. Тие можат да бидат и многу привлечни и убави. А, доколку сепак сакате да одите на затегнување, направете го тоа за себе. Никому не должите одговор, ниту оправдување. Информирајте се за бенефитите и последиците од сите третмани и одлучете што Вие би сакале. Ние Ве поддржуваме.