Без разлика дали работиме во канцеларија или од дома, предолго седиме на компјутер во неприродна положба. Овие вежби за вратот одземаат само минута, а можат многу да ни помогнат.
Седењето на компјутер влијае лошо на нашата мускулатура. И додека го пишувам овој текст, се потсетувам себеси дека треба да се исправам, и да се размрдам. Мислете на тоа и во канцеларијата, иако во брзање често забораваме на здравјето. Вашето тело ќе ви биде благодарно ако се сетите на него одвреме-навреме.
Како тренер за корективни вежби и пол фитнес, често забележувам промени на телото на вежбачите кои произлегуваат од лошото седење на работа. Па затоа одлучив да направам кратка, и многу едноставна програма од неколку вежби кои може да ги направите за 1-2 минути. Дел од вежбиве сите сме ги правеле на физичко, така што тие се буквално најлесни на свет. На крајот од текстот има и видео на кое се покажани вежбите.
Кружни движења со главата на едната и на другата страна.
Тоа е тоа, првата вежба со која се истегнуваме на физичко.
Задржување на глава на десна, па на лева страна
Втората вежба од физичко. За поголемо истегнување главата можете да ја притиснете со рака на едната, па на другата страна.
Истегнување на главата напред, додека пробуваме брадата да ни го допре градниот кош
Сега си помагаме сега двете раце за повеќе истегнување. Оваа вежба не сме ја правеле често. Но интересно е дека веднаш ќе ја почуваствувате. Треба да имате истегнување буквално на целиот врат, до половината на грбот.
Ротација со рамената кон назад (не правиме ротација кон напред)
Третата вежба од физичко, и мојата омилена од горниот дел на телото.
Движење на рамена напред и назад
Истегнувајте ги најмногу што можете двете рамена назад и потоа истегнете ги напред буткајќи го грбот назад. Интересна вежба која за мене беше нова кога ја изучував оваа дисциплина, но навистина е многу ефективна.
Позади грб ги фаќаме двете раце и истегнуваме со главата назад
Може и да ротираме со главата кон лево, па кон десно. Многу е убаво чувството кога ја правите вежбата, дури и по цена колегите чудно да ве гледаат.
Повторувајте ги вежбите колку сакате (никогаш не е многу), но не претерувајте со истегнувањето. Треба да чувствувате истегнување, а не силна болка. Сите вежби може да ги видите на видеото кое го објавив на мојот инстаграм профил. Оставете коментар за тоа дали сте ги направиле вежбите и дали се чувствувате подобро. Не заборавајте да останете здрави и кога имате многу работа, ова тело ви е за цел живот.
Сите во nea.mk сега ги практикуваме овие вежби, изгледаме смешно, ама фукнционираат.