#Мајаготви од А до Ш: Б како Баклава

Вдомена и присвоена кај нас од блискиот исток, Убавицата што спојува светови и генерации, нејзиното височество БАКЛАВА.

Околу името на ова најблаго благо има разни теории од каде потекнува, ако прошетаме да видиме од кој јазик е изведено името, може да се прошетаме од Монголија, Персија… па се до Отоманска Турција. Според ова, може да заклучиме дека хомосапиенсот каде и да живеел сакал да си касне благо попарено со шербетче.

Многу сакам баклава, поготово за Бајрам. Кај тетка Аниш сум јадела и баклава со ориз! Прекрасно нешто. Како баклава со сутлијаш. Фантастично.

Се работи за концепт на тантелеста структура од тенко тесто, исполнето со разни филови потопена во шербет-шеќерен сируп.

Варијациите на тема се различни: редена, диплена, мотана, со ф’стаци, ореви, лешници, маак, вишни, ориз, чоколадна и каква уште не. Крцкава, мискојни мириса, убавата баклава.

Ние овде, а и не само овде, баклавата ја јадеме и за среќа, и за утеха и за празник и на тажен ден. Денеска ќе ви ја претставам баклавата со ореви и лешници попарена со шербет.

 

За оваа баклава ви е потребно:  

½ кг тенки кори за баклава (има едно магично место на зелено пазарче во Скопје и таму ги има најтенките и совршени кори за баклава)

Финален производ, сликата не е совршена, ама вкусот е!

За Фил:

250 гр ореви

250 гр лешници

125 гр путер

20-30 мл млака вода

30/40 мл масло

За Шербет:

600 мл вода

600/800 гр шеќер

3-4 тркалца лимон

1 пакетче/10гр ванилин шеќер

Начин на подготовка:

Оревите и лешниците се потпекуваат во тавче (одделно). Откако ќе се потпечат, оревите треба да се сецкаат на ситно а лешниците да се сомелат на најситно. Прво печеш после сецкаш.

Во правоаголен или коцкаст плех-тавче од шпорет, се редат корите и тоа:

  • секоја кора се попрскува со масло а на секоја трета кора се става фил – мелените лешници и сецканите ореви.
  • откако ќе ги наредите корите и ќе го потрошите филот, со остар нож треба да ги исечите корите на коцки со дијагонален засек на секоја коцка поединечно. Види ФОТО:

После сечење имаме матење: Во путерот кој е на собна температура почнуваме да додаваме од млаката вода и го матиме. Може да се мати со миксер, а може и со жица за матење. Јас го матам со жица и си ја вадам цела нервоза, после сум како бајче.

Исечената баклава се премачкува со матениот путер и се става во загреана рерна на 220° C 15 до 20 минути, додека не добие златно – кафеава боја.

Се остава да се излади малку.

Во тенџере се вари шербетот – Вода+шеќер+ванилин шеќер+ парчиња лимон. Треба да врие 7-8 минути. 600гр шеќер за потечен шербет, 800 гр за погуст – по избор.

После вриење се остава малку да се излади.

Шербетот се става на баклавата по принцип – топло на топло или ладно на ладно.

Оваа баклава се „попарува“ по принципот топло – топло. Топол шербет на топла баклава. Откако ќе се „попари“ се става во рерна на 50° C 2 часа. Потоа се вади од рерна се остава да се излади и се јади со усул.

Баклавата со ореви и лешници попарена со шербет, попарена како мене после смртта на тетка ми, ја именувам како баклава-ЦЕ (по петтолинието ДО). Никогаш не сум готвела нешто со толку тага и толку посветеност во исто време како баклавава за поменот на тетка ми.

Сецкај, маткај, реди и плачи.

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
Маја
Маја
Маја готви се од А до Ш. Маја одлучи да избега од градската џунгла и да се пресели во село. Таму има доволно простор и инспирација за готвење на највкусните јадења. За nea.mk Маја ќе подготвува „азбука на готвењето од А до Ш“, со предлози за домашни јадења.
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!