Маја готви од А до Ш: Ф – фантастична пица или Фица

Стигнав до Ф! Филџан, Фудбал, Фабрика, Филадендрон и Фикус.

Јадење на Ф – Фалафел, ама јас не сакам да морам да го правам нештото само затоа што правилото вели дека е Ф а фалафел крева рака ко бубалица на прва клупа сигурна во своето знаење а професорот нема избор и мора да го праша оти цел клас лапа муви негде.

Во ситуација слична како онаа на Ж, решив да си го искористам правото. Јас си пишувам, јас си читам и јас си склопувам збор со соодветна буква за содржината што сакам да ја готвам.

Вчера беше Сабота, еуфоријата на вакцинирањето во Србија беше во воздухот, пукна сонце, се појавија викенд шетачи низ село како печурки по дожд, кучињата се спремаа за трка со надежни рекреативни велосипедисти со комплет опрема и бициклистички или накратко – Борати.

Денот почна надежно.  Дојде еден лик на препорака од едни други луѓе да се договориме да среди нешто низ двор да ископа нешто, нешто да искастри и се што треба. Требаше да дојди да види дали ќе му фати око дворот и да кажи колку парички сака. Дојде во 10 и 30 наутро, соодветно напијан. Имаше едно добри 200 гр ракиика пиинаано од сабајле. Уште не ми е јасно зошто дојде. Ништо не кажа, ништо не се договоривме, имаше некои неповрзани реченици и отиде оти немал време, имал нешто работа. Како Бекет да шетал низ двор ми беше цела ситуација.

Замина со нишање насудениов градинар, јас ги насадив ружите што стигнаа снег ко врнеше, ископав троа трева овде- онде, спремив едно благо ( една нова и безобразна верзија на тирамису), ги спремив кучињата и отидовме в град за да може граѓаните да поуживаат в село.  Отидовме да помогниме на едни други луѓе со двор. Да се ископа, да се среди, да се спастри за да може нова трева да расти. Плус, ние како „стари“ селани имаме алат и механизација за работа в бавча. Е сега, цело време дури ги правев работите наредени погоре, низ глава како хрчак на тркало ми вртеше рецептов за денес.

Шо ќе прајш на Ф? После некое време се слуша ехо низ глава: Фалафеееллл, фалафел, фалафел со сите аудио ефекти што постојат.

Никако да ми легни рецептот. Никако! Па го игнорирав, па се праев дека не постои, па пиев ракија, па пак мислев и никако да се договорам со себе.

Да се расправаш сам со себе за рецепт сред соба полна со луѓе што зборуваат сите во исто време е велелепно.

Значи, дефинитивно не е Фалафел! Барем за тоа се договорив.

Другото беше лесно! Се прибравме пред полициски час в село, сфатив дека во боцата нема плин и не можам да спремам палачинки, ми се јадеше, си створив чоколино и си фатив инстаграмот да го развртам и таму, тарааам! Пицата од Коакрче!

Ајде стани Маја, фати замеси тестото и да завршиме со голготава! Рецептот е фантастичен, брашното е феноменално, додатоците на тестото се факултативни а јас сум опасен фурнаџија со камен за печење фицааа!

И така си легнав кај 2 сабајле со решен проблем за рецетот а башка имав и кого ќе нагостам, Бате јади пица па ќе проба и Фицаа 😊 Тестото спремно и одложено во кутија со капак во фрижидер.

Оригиналниот рецепт вика вака:

600гр брашно
400мл млака вода (66% хидрација)
1 лажичка сол
1 лажичка мед
3гр сув квасец
3 лажици масл. Масло

Јас го склопив вака:

600гр брашно за почеток + нешто ситно за посоп и плус уште нешто
400мл млака вода
1 лажичка сол
1 лажичка малтекс
3гр сув квасец
3 лажици Масло

Постапка:

Измешав 360мл млака вода со малтекс и масло, оставив да се стопи малтексот и после го турив брашното скоро цело, оставив 4-5 лажици и замесив една кашеста маса што треба да личи на тесто па оставив на страна да стои 10 минути. Во тие 10 мин во преостанатата вода го додадов квасецот и 1 лажичка брашно и го паркирав до аморфната маса што треба да личи на тесто.

После 10 минути, го додадов квасецот и ги измешав убаво и веќе почна да се наѕира некакво тесто па го оставив да одмори едно 30 минути.

После одморот, додадов солта, убаво измешав и измесив и оставив под крпа да стои 25 минути. 25 минути беше доволно да си дојди на себе а солта да си ја направи магијата и да ја врзи водата.

После 25 мин, на убаво набрашнета површина го истресов тестото и го месев се додека не се направи меко како цициња и не престана да се лепи на раце.
Заради видот на брашно, количината во рецептот нека не ви е пресудна. Може да ви треба повеќе а може да си поминете и со помалку брашно. На крај, треба да добиете меко тесто ама нелепливо.

Јас го правев со брашно со висок протеински % и крајната сметка сосе посипување излезе околу 700 гр брашно.

Измесено, го вратив во пајнца, го покрив со крпа и оставив да стои уште еден час и малку.

Е после ова стоење, тестото беше бумбарче меко и мазно.

Го поделив на 4 дела, измесив топчиња и ги наредив едно до друго во кутија што убаво се затвора. Секое топче во башка хартија за печење, со сопствен простор за растење во кутијата. Треба да дремат во фрижидер цела вечер, па потекуваат од досада и им треба простор ама истиот  треба да е ограничен за да не се залепат едно со друго. Ги наредив како гласчи зад параван. Тие во фрижидер јас в кревет.

Се разбудивме потечени и јас и топчињата! Се будам и скроз изумив дека се менува сатот, дома шизофренија! Едниот саат вика 7 другиот 8, третиот трепка, снемало струја! Глата не знаев кај ми е.

Па ми текна дека нема плин, ама едно по едно! Првин кафе!

Е после кафето беше оф-леле!

45 минути го барав клучот од кола! Стигнав до отворање фрижидер, проверка на ѓубрето, низ двор, цела дневна наопаку, со вадење перници, тргање кревети и на крај беше на маса! Ќе го запалев и клучот и сама себе!

Пицата ја растегнав финтаџиски и фурнаџиски а претходно ја загреав рерната на максиму со каменот за пица печење внатре. Од прилика некои 30 минути или зависи како ви печи шпоретот.

Одозгора наредив:

Кашкавал ливада

Моцарела

Горогнзола

Тенко сечени зелени круши

Пињоли

Бадеми

Чили на кругчиња

Тенки парчиња лајм

Бате ја бендиса пицата! Од што беа фасцинирани со Тања, на одење дома се беше збунила и место кесата со храна за Петра му ги зеде на Ангел сијаличките за радио и новиот штекер за кабел што си го купи.

Пресмешен и превкусен ден!

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
Маја
Маја
Маја готви се од А до Ш. Маја одлучи да избега од градската џунгла и да се пресели во село. Таму има доволно простор и инспирација за готвење на највкусните јадења. За nea.mk Маја ќе подготвува „азбука на готвењето од А до Ш“, со предлози за домашни јадења.
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!