Маја готви од А до Ш. На буквата С е сарма (нормално)

По разни страни и википедии што сами сме си ги уредувале стои дека сарма е традиционално македонско јадење, но ако прошетате малку по интернет мегданите за готвење и историја на храна ќе видите дека сарма ти е универзален концепт кој што е послан од Јужна Кореа, преку скоро цела Азија и големи делови од Европа до кај нас.

Од Осло до Сеул преку Истанбул и Тбилиси, најубава е сармата на мајка ми.

Едно од врвните достигнувања во кујната на Мама е „Sarma a la Mete“. Не дека ми е мајка, сите што ја пробале сармата го делат истото мислење. А бајаги народ ја пробал. Едно, многу голема фимилија сме, второ, јас колку народ имам довлечкано по дома…. еден куп. Рекорд ми е да однесам дома на спиење 12-13 луѓе, не ни памтам веќе колку беа. И тоа носење во 2 сабајле, без дојава и најава. Инаку, станот има 70 квадрати. Тато пазареше јогурт утрото, количините беа пресметани по бројот на чевли патики во ходник и пред влезна врата. Ги носиш дома луѓето и си викаш „ќе ме задави мајка ми“, а таа вика по тебе… „ела ваму, отвори горе во плахарот и извади уште перници и има јоргани горе, вади ги да има со што да се покријат“ За појадок спржила мекици, крофни и гибаница и не ми ја удри тавата од гла, една е мајка!

Е па, ако земиме предвид дека бајаги народ се има измотано кај нас низ дома, бројот на уживатели на сармата од мајка ми е голем.

Освен сарма од зелка (кисела и свежа) прави сарма од лозов лист и штавеј. Е сега, дебатата околу штавеј или лозов лист ја решавам одма! Лозов лист во секое време, штавеј исто така. Дроб сарма, НИКОГАШ!

Значи, денешниот рецепт ми беше посебно важен оти мајсторицата е тука, денес полагам за сарма кај мајка ми.

Троа трема, троа радости дека сме сите на куп и резултатот ќе го видите подолу.

Освен што полагав за сарма кај мајка ми, дегустатори за оценката да е комплетна беа Тате и Бате со појачување од Ангел! Бате е толку специфчна во однос на храна и дали ќе го бендиса нештото што некогаш си велам, да и дам 200 денари да си јади на друго место, оти можи да не и ја погодам манџата. Татко ми има искуство во дегустација на сарма, златна сарма може да му се додели а Ангел е the bread to my butter.

Во една таква атмосфера, јас си бев зашетана вечерта претходно до ниедно време, место да повторам материјалот за испит.

Зелката ја зедов од убавото буре во Радишани, месо од прасето со мешавина од теле од Гиго.

Значи, за сарамата имав квалитетни намирници, се си беше како што треба освен црвениот пипер. Немам прилепска одамна купено, сега се мачам со една купечка и троа кафена ич не ми прај кејф. Алева, жими баба ми! Врска нема, како герамитка толчена е.

Рецептот оди вака:

  • 1кг мешано месо – Свинско-телешко во ист сооднос. Барајте и телешкото да има мрсничко не само свинското.
  • Кисела зелка – 2 средно големи зелки
  • 1.5 рака ориз
  • Масло
  • Вегета
  • Црвен пипер
  • 2 јајца
  • Црн бибер
  • Сол

Месото го пржев на средно јак оган на масло и му додадов ориз, вегета, црн бибер, сол и црвен пипер. Количините на зачин зависат од желбите на готвачот. Нема прецизно, колку да има сол колку вегета. Пазете со сол оти зелката може да е соленка па да се сликате после.

Зелката има кошули триста, па и слекуваш една по една, па ги параш по должина. Лист по лист ги вадев им го отстранував кочанките на среде лист и ако е многу голем листот на пола. И така цели 2 зелки. Постапката се повторува се додека дозволува конфигурацијата на зелката. Со вишокот од зелката се прави салата од кисела зелка и буковец, дури се чека сармата да крчка, супер оди со ракија.

Откако ќе се излади месото, му се кршат 2 јајца и се меша да се соедини убаво и спремно е за соединување со листовите.

Сармата треба да е од прилика голема колку тупаница на дете од 12 години.

Виткање сарма е многу стресен чин за некој што нема многу искуство, плус полага за сарма.

На едниот крај на листот по должина се става месото, се подвиткува малку па се витка од лева и десна страна по должина и на крај се мота околу сопствената оска.

Јас одбрав да ги редам во длабока земјена тава. Најдолу послав некој лист зелка па почнав да ги редам сармите во круг и така дури не се потроши зајрето.

Имав 2 реда и околу 40 сарми.

Пред да одат во рерна им додадов одозгора масло со црвена пипер и налеав тавата со млака вода и одозгора ги покрив со некој лист зелка.

Капакот на тавата и во рерна околку 3 часа. Првите 2 часа со капак на 250 а последниот час на 200 без капак.

Среде печење ја отворив да ја видам па немаше вода, и дотурив жешка вода и си продолжи да си крчка.

Мирисаше, не можам да ви опишам! Фантастична сарма.

Инаку, положив за сарма кај мајка ми. Сега сум самостоен референт за сарма.

Кај нас традиционално, сарма се јади со суво луто пиперче печено на упаљач и се пие газоза а после тоа се плачи.

На здравје!

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
Маја
Маја
Маја готви се од А до Ш. Маја одлучи да избега од градската џунгла и да се пресели во село. Таму има доволно простор и инспирација за готвење на највкусните јадења. За nea.mk Маја ќе подготвува „азбука на готвењето од А до Ш“, со предлози за домашни јадења.
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!