Веќе пишувавме за настанот Skopje Foto Week, на кој се напреваруваа фотографи од земјава. Тие го прифатија предизвикот да се претстави градот Скопје преку нивниот објектив, а најдобра беше фотографката Кристина Нановиќ. Па одлучивме да си поразговараме со неа.
Таа ни раскажа дека победничката фотографија настанала на едно осамено Божиќно утро во Скопје. „Фотографијата која ја испратив беше инспирирана од личен спомен стар неколку години. Произлезе од исклучително осамен период и прошетка низ градскиот парк на едно Божиќно утро, па кога решавав што би создала за Скопската фото недела, не се двоумев. Беше тоа вид на оддавање почит кон мојот роден град и мојата врска со него.“
Фотографите имаат единствена моќ да ги пренесат нивните и нашите чувства и емоции во една фотографија. Кристина тоа го прави веќе 8 години. Почнала уште додека студирала на правниот факултет. Таа се вљубила во фотографијата. Па, така од правен факултет отишла на школа за фотографија каде ги научила техничките аспекти на истата. Интересно е дека и нејзините родители во младоста се занимавале со фотографија. Кристина ни раскажа дека така и се запознале, во студио за развивање на фотографии. Природно низ годините се создадава љубовта кон фотографијата и кај Нановиќ.
Skopje Foto Week не е првиот натпревар на кој е препознат таленотот на Кристина. Уште пред да се занимава професионално со фотографија таа освојува Жан Моне награда за аматерска фотографија. Токму тоа е поттик да се запише на училиште за фотографија во Италија. А нејзините фотографии биле објавени и на изложба во Берлин.
Со каков вид на фотографија се занимава? Според еден од нејзините професори со „фотографија за душа“. Кога беше неопходно да се дефинира правец, еден од моите професори по фотографија за моите дела велеше „фотографија за душата“. Не сум сигурна дека тоа е валиден жанр, но уште тогаш се сложував со него. Технички, би рекла дека е најблиску до lifestyle фотографија. Мојата фотографија е полна мир, искреност и носталгија.“ ни објасни Кристина за својот стил.
Како и речиси сите фотографи во Македонија и таа сонува за време кога на професијата ќе се гледа како на повеќе од стискање копче. Фотографот е многу повеќе од тоа. Фотографијата бара посветеност и знаење и свој поглед на светот. Двајца фотографи никогаш нема да произведат иста фотографија, па затоа е тешко едноставно да замените еден фотограф со друг.
Ја прашавме Кристина и дали фотографијата може да направи промена во светот. Таа ни раскажа за фотографката која со само една фотографија прави промена за време на големата депресија. „Фотографијата на Dorothea Lange, именувана како Migrant Mother веројатно може да се нарече и бесмртна. Направена во 1936, додека авторката работела за Владата како дел од FSA (Farm Security Administration), оваа фотографија за кратко станува симболот на Големата депресија во Америка. Прикажувајќи ги ужасните животни услови на мигрантите во тој момент, предизвикала веднаш да бидат испратени десетина тони храна, како и серија настани потоа.“
Доказ за вакви фоторгафии има и кај нас. Кога важни политички, општествени и културни моменти ги помниме токму низ фотографиите на некои од нашите најдобри фотографи. И посакуваме успех на Кристина и фотографии со кои ќе го менува и опишува светот.
Во nea.mk ја почитуваме македонската фотографија, а еден од најважните членови на нашиот тим е токму фотографот Марио Андоновски. Преку неговите фотографии и текстот ги пренесуваме приказните на нашите музи преку серијалот интервјуа со NEA девојките.