Најновата претстава на театарот Wonderland Theatre на режисерката Нела Витошевиќ е насловена “Работи за кои не зборуваме”. Таа ќе биде заснована на лични приказни на публиката и актерите. Па така, и Вие може да станете инспирација за истата зборувајќи за она што ве мачи, а не го кажувате. Вашите изјави ќе останат целосно анонимни, но ќе добијат лик и ќе бидат раскажани.
- Болка, траума, срам, осуденост, злоупотреба, безизлез, параноја, несоница, неприфатеност, лажна насмевка, крварење, изгубен апетит, брзо возење, тресење под јорган, голтање апчиња, повраќање во шолја, зјапање во празно, плачење под наочари, бегство, триење под туш, губење здив, заглавеност во момент од животот… Вашите сведоштва/приказни ќе бидат инспирација за нашата театарска претстава, а анонимноста ќе биде зачувана. Театарот нѐ тера да погледнеме длабоко во себе и да го соочиме општеството со неговата искривена слика. Преку претставата сакаме да им дадеме глас и лице на работите за кои не зборуваме и да мотивираме разговор и промена во општеството. Секоја приказна заслужува да биде раскажана, секоја стега отклучена и секоја неправда посочена. – велат од тимот на Wonderland Theatre.
Вашите „работи за кои не зборувате“ можете да ги споделите на следниот линк:
https://www.wonderlandtheatre.org/raboti-za-koi-ne-zboruvame
Сите имаме нешто, за кое молчиме. Раскажувајќи ја Вашата приказна, макар и анонимно, можеби ќе им помогнете на гледачите кои се соочуваат со слично искуство. Ние со нетрпение ја очекуваме оваа претстава која ќе го раскаже сето она што тивко „ни лежи на душа“.