Ивана Павлаковиќ е една од најуспешните актерки во нејзината генерација. Таа моментално е актуелна и во телевизиски, и во театарски проекти. Ја гледаме во Фамилија 5 со Петко и во дигиталната престава „Илузии“ на Нела Витошевиќ. Додека можевме да одиме во театар ја гледавме и во претставите Венера во крзно, Животот на Молиер, Магбет и многу други.
Па така дојде во студиото кај Марио Андоновски и ни раскажа на што работи моментално, а направивме и неколку кул фотографии.
Здраво Ивана!
Пред да почнеме, малку загревање со кратки прашања:
Диско или концерт? (кога би имало можност за тоа)
Концерт.
Театар или филм?
Подеднакво драги.
Поезија или проза?
Зависи во кој mood сум.
Фитнес или пилатес?
Базен.
Роберт Дауни Џуниор или Бред Пит?
Matthew McConaughey.
Моника Белучи или Џилијан Андерсон?
Кејт Бланшет.
Friends или The Office?
Better Call Saul.
Спајс Грлс или Металика?
Diana Ross.
Виски или џин?
Виски.
Добро, мислам дека сме спремни!
Ќе почнам од крај. Што има ново и каде може да те видат оние кои сакаат?
За жал, во ова време кога целава пандемија е во полн ек, сеуште немаме инфо кога ќе се вратиме на сцена во театар- кој неизмерно многу ми фали. Ми фалат пробите, долгите дискусии на сцена, внатрешното чувство пред да почне претставата… така да најверојатно немам точен одговор на ова прашање, освен будно сонување за моментот кога ќе стапнам на сцена.
Младата публика ќе може да не гледа набрзо во новата сезона на 5 Плус Фамилија.
Кој е најголемиот предизвик со кој се соочуваат актерките во Македонија?
Веројатно како и секој човек- да ја оддржат својата ментална хигиена чиста.
Неколкупати си играла во странски продукции, главно од регионот, но и пошироко. Каде освен во Македонија би сакала да имаш можност да работиш?
Секаде каде што ќе се разберам со екипата која работи на проектот и со која ќе најдам заеднички јазик. Пробувам да не ги делам квалитетните дела на наши или странски, бидејќи на крајот на денот квалитетниот продукт е најбитен, без разлика од која земја доаѓа.
Доколку би имала временска машина, во кои години би сакала да се родиш и да твориш?
Многу ме интересира каков ќе биде светот за 150години.
Зошто?
Зошто сум љубопитна.
Заедно со Нела Витошевиќ, беше дел од тимот кој ја направи „Илузии“ првата дигитална театарска претстава кај нас. Какво беше тоа „дигитално“ искуство, во однос на она реалното, односно во театар?
Една од најубавите работи кои произлегоа од оваа пандемија најверојатно е токму оваа соработка со Нела и екипата на Илузии. Ние тргнавме од идејата дека не смееме да си дозволиме да седиме и не правиме ништо бидејќи прв пат се соочивме со ваква ситуација, која беше нова за секој човек. Секој ден за време на полицискиот час имавме проби, не знаевме како ќе изгледа финалниот продукт на крај- бидејќи за прв пат се соочивме со ваков тип на работа, но ова ни докажа дека без разлика на тоа што ова беше непознат,нов терен за нас- кога влегуваш со чиста мисла и желба, на крајот на денот се исплати.Секако дека не може да се спореди овој тип на театар со оној на кој сме навикнати, ниту пак пробавме да ги споредуваме, но на крајот на денот целиов процес за мене лично е од непроценлива вредност и гордо стојам позади него.
Некако волшебно постојано се враќаш на проекти со децата и младите. И преку Фамилија 5, и преку работата со “Wonderland Theatre”. Која е улогата на театарот, телевизијата и воопшто културата во „воспитувањето“ на децата и младите според тебе?
Среќна сум што веќе 7 години сум дел од детската серија Пет Плус Фамилија бидејќи секоја година растеме и ги прошируваме видиците. Многу е битно да не ја секнеш детската фантазија и на правилен начин да пробаш да ги образуваш децата од најмала возраст кои буквално растат со години преку оваа серија. Сметам дека со претставување на оние правите вредности- кои за жал некако магично испаруваат и поретко ги гледаме, преку оваа серија имам чувство дека ги враќаме на правиот колосек.
Кој ти е најмил проект на кој си работела?
Секој проект на кој до сега имам работено и вложено енергија- има нераскинлива нишка и парче од мене. Многу ми е тешко да издвојам еден, но знам дека нескромно си посакувам Венера во крзно да ја играме уште долги, долги години.
На телевизија си актуелна со „Фамилија 5“, до пред некое време во театар можевме да те видиме како „Венера во крзно“. Како го правиш прелазот од девојче, дете кое има авантури со другарчињата од зградата, во возрасна жена и заводница, за толку кратко време?
Многу ми е битно секоја од фиоките на мојот мозок да биде уредна, чиста и да биде доволно голема за сите работи кои ги складирам низ годиниве. Различен е клучот за секоја од нив и точно знае кога да се појави. Различни се енергијата, пристапот и поривот. Посакувам да ме држи вечно желбата за игра и при секој процес да се осеќам како мало дете во огромна, шарена продавница за гумени бомбони. Контрастот и различните улоги се потребени за раст на секој глумец.
Фала, Ивана и среќно во новите предизвици!