Авантури со Јанева: Каде да патуваме во Македонија?

Дали знаете дека Македонија е една од најмалку посетените земји во Европа? Тоа дефинитивно не е бидејќи немаме што да понудиме. Македонија има прекрасни села, најубави езера, значајни историски места, и грандиозни планини. Ви подготвив над 10 локации на кои патував годинава низ Македонија. Сигурна сум дека меѓу нив ќе најдете идеи и за овој продолжен викенд.

ДОЈРАН

Дојран, а првенствено Стар Дојран, првично бил населен во праисториско време,
а првиот пишан запис за градот бил во 5 век п.н.е. Ова лето навистина голем број туристи го посетија Дојран, иако повеќето прво помислуваат на Охрид како атрактивна туристичка дестинација. Но, доколку сакате да почувствувате ВИСТИНСКО гостопримство, психички мир и искуство на „мало градско“ живеење, Дојран е вистинското место за вас! Мој предлог е да се прошетате покрај езерото, а доколку сте љубители на риба може да го посетите и култниот ресторан „Фук-Так“, мојот омилен во Дојран. Пред самиот ресторан има и прекрасна плажичка каде лежалките се навистина на растојание од 2 метри.

СТРУГА, РАДОЖДА И ВЕВЧАНИ

За разлика од Охрид кој е секогаш преполн во текот на летото, поголемиот дел од
времето Струга има многу опуштена атмосфера и преубави диви плажи кои вреди
да се посетат. Исто така е одлично место за релаксација и муабет со шолја кафе
покрај реката Дрим, ова го правевме речиси секој ден. Задолжително е да го посетите селото Радожда со прекрасните мали заливи, бистра тиркизна вода и најдобрите рибни
ресторани на цело Охридско езеро. А можете и да прошетате до Вевчани кое изобилува со природни убавини, но најпознати и најпосетени се Вевчанските
извори.

ГАЛИЧИЦА

Ако сте на одмор во Охрид или Струга, препорачувам да го посетите
националниот парк Галичица. Паркот зафаќа површина од 227 км2 помеѓу
Охридското и Преспанското езеро – и ако се искачите на врвот, можете да ги
видите обете езера од двете страни. Можете да направите НЕВЕРОЈАТНИ
фотографии, но најубаво е доколку дојдете во зори или на самрак.

КОЗЈАК

Според мене, ако сакате да одите на излет во околината на Скопје, најдобро
место би било езерото Козјак. Околината апсолутно воодушевува: природа,
планини, прекрасно езеро и најважното од сè – ја добивате приватноста што ви е
потребна за убав пикник со вашите најблиски, семејство или пријатели. Имам
напишано посебен блог за Козјак кој можете да го прочитате на Adventures with
Janeva.

https://www.instagram.com/p/BoMFPA9n0mo/

 

БЕРОВО

Берово е мал град во близина на Малешевските планини, оддалечено 161 км од Скопје. Берово е град со најголема концентрација на кислород на Балканскиот полуостров ?! Тоа е исто така градче со најмногу сончеви денови во текот на годината во целата земја, просечно со 6,4 сончеви часови на ден. Одлично место за планирање на вашето следно патување!

ПОПОВА ШАПКА

Попова Шапка е прекрасно планинско подрачје каде може да поминете неколку
дена и да уживате во прекрасните пејзажи и живописен поглед на планинските
врвови. Иако се смета за зимска дестинација и скијачки туристички центар,
летниот период е одлична можност да планинарите и да освоите некој планински
врв или да пешачите низ шумските патеки. Имам посебна објава за Попова Шапка
која можете да ја прочитате на мојот блог.

ВЕЛЕС

Постојат неколку интересни работи што можете да ги направите во Велес, но
мојата омилена излетничка авантура е пикник покрај езерото „Младост“. Кога сте
во Велес, може да ги посетите и античкиот град Стоби и наоѓалиштето Пешти, кој
изобилува со пештери со археолошки остатоци од неолитот. Надвор од градот се
наоѓа и тврдината  Велешко кале .

View this post on Instagram

Затворените граници ме потсетија колку многу си ја сакам Македонија! ❤️ Имаме толку многу прекрасни места за пикник и прошетка но денес сакам да го издвојам езерото Младост. За оние кои не се запознаени ова вештачко езеро е северно од градот Велес, a крај самото езеро има клупи што се совршени за пикник! Доколку се одлучите да одите, ве молам бидете совесни и не оставајте отпадоци на масите и околу езерото.

A post shared by Adventures With Janeva (@janeva) on

МАВРОВО

Најголемиот од националните паркови во Македонија, Маврово може да се
пофали со прекрасни пејзажи и е идеална дестинација за љубителите на природата. Врвот Голем Кораб е највисок во регионот, па затоа паркот е исто така популарна дестинација за алпинистите, а работи и како зимски скијачки центар, преполн со снежни авантури.

КАЊОН МАТКА

За авантуристите и љубители на природата, кањонот Матка е идеална
дестинација во лето, се протега на повеќе од 5.000 хектари и обезбедува една од
најдобрите авантури со пешачење или планинарење по кањонот во Европа.

ОХРИД

Еден од најпознатите и најубави градови во Македонија, Охрид, на брегот на
Охридското Езеро, се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО. Овој
историски град е една од најинтересните дестинации, но и визуелно
најимпресивни патувања во земјата. Ако сакате да имате
порелаксирано искуство, пролетта или есента се најдобри. Ова лето јас уживав
во многу изгрејсонца и зајдисонца над ова езеро, кое вдишува спокој и смиреност
на градот секое утро и вечер.

https://www.instagram.com/p/CFPD6W0MN7r/

ПРИЛЕП и КРУШЕВО

Со оглед на тоа што пред нас е продолжен викенд за 11ти Октомври може да го посетите и Прилеп. Да јадете прилепски ширден, да одите на локалитетот Маркови Кули и да прошетате низ Прилепската чаршија. А кога сте веќе во патриотско расположение, поминете и до секогаш прекрасното Крушево.

Има уште многу градови да се посетат, но тогаш веројатно на овој текст ќе му немаше крај. Се гледаме со нови авантури.

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
Софија Јанева
Софија Јанева
Софија Јанева е гостинска блогерка на nea.mk која пишува на теми поврзани со патувања. Таа веќе подолго време успешно го води својот блог и инстаграм профил „Adventures with Janeva“, каде објавува содржини на македонски и англиски јазик. Сака убава храна, ведри фотографии и секако патувања.
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!