Елена Романова за nea.mk oдбра неколку македонски хитови, за овој празничен викенд. Од 60титие години, па до модерниот звук на актуелните бендови, на листата има буквално се.
Не ги забораваме Каролина, Калиопи, најпрекрасниот Тоше, Тамара, Леб и сол и останатите легенди. Но вашата листа сакавме да ја збогатиме со уште неколку изведувачи, кои сигурно ги знаете и сакате.
Ерзана – Ноќна кралица
Верувале или не, поминати се 22 години откако оваа песна за прв пат ја слушнавме на Макфест во 1998 година. На овој Макфест, ја освои наградата за најдобра интерпретација, што не е воопшто чудно судејќи по нејзините вокални способности. Има единствен албум, “Без зборови”, а истиот важеше за еден од најпродаваните во Македонија во времето на неговото појавување. “На чекор до тебе”, “Стопи ме”, “Колекционер” се песните на кои што дополнително треба да се потсетиме. Фали овој вокал на македонската музичка сцена, признавате нели?!
Еве како изгледаше нејзиниот настап на Макфест:
Фанк шуи – Виулица
Песна промовирана во април 2018 и дел од фантастичниот албум на Фанк шуи „Импулс“. Колку што е заразна песната, толку е заразен и видео записот за истата со оглед на тоа дека таму се појавува харизматичната Нина Елзесер. Она што е интересно за оваа песна е тоа што има и своја акустична верзија која што топло ви препорачуваме да ја слушнете. Лука, Давид, Мики и целата екипа… продолжете така.
Диме Поповски – Последен ден на разделбата
Диме Поповски важи за еден од најдобрите евергрин гласови на 60тите и 70тите години од минатиот век. Покрај оваа песна, изведена во 1970 година на Скопскиот фестивал за која ја освојува првата награда од стручното жири, негови се и “Лени”, “Девојко”, “Планино”, “Мојот дом” и многу други. “Последен ден на разделбата” е компонирана од единствениот Драган Ѓаконовски – Шпато, додека текстот е на Благоја Стефановски. Само уживајте.
Маја Оџаклиевска – Не допирај ме
Песна за која Маја Оџаклиевска признава дека и е омилена помеѓу останатите нејзини песни, а воедно е и текстописец на истата. Изведена на Скопскиот фестивал 1994 година и за истата го освојува првото место. Музиката е на Григор Копров. Се потсетуваме и на нејзините фантастични “Шила”, “Многу солзи”, “Сребрени улици”, “Буди добар као што сам ја”. И да… никогаш доста од овој вокал.
Драган Каранфиловски – Бојс – Валерија
Песна изведена на Макфест 1991 година од Драган Каранфиловски – Бојс кој меѓу другото, се појавува и како кантавтор и текстописец на многу поп песни и песни за деца. Покрај оваа, да се потсетиме и на неговите “Лулај ме нежно”, “Опасно сум вљубен во тебе”, “Весела романтика”…Трајче Манев, Зафир Хаџиманов, Игор Џамбазов, се само дел од имињата со кои што го поврзуваме со оглед на тоа дека е автор на нивните: “Јануарска ноќ”, „На минус 23″, „Искро моја”. А од детските, сигурно се сеќавате на “Наташа од трето 3” или “Ало амбуланта”.
Ова се нашите предлози, кажете ни во коментар кои се вашите омилени МК хитови?