Саш Димитрова: Патуваме во Италија преку книгите од италијански автори

Во nea.mk соработуваме со неколку, кул девојки од различни области. Така во времиња кога не можеме да патуваме и шетаме колку што би сакале, ја замоливме Александра Саш Димитрова да не однесе во Италија, барем преку книга.

Потребата за читање добри книги, никогаш не била поважна од оваа по многу нешта необична 2020 година. Книгата се покажа како одличен сојузник во надминување на осаменоста и справување со социјалното дистанцирање.

Ова лето поради неможноста да го реализирам долго планираното летување на брегот на Италија, решив Италија да ја донесам во мојата менталната свест и да си создадам сопствен филм дека сум во Италија.

Почнав да читам современи италијански автори, да слушам нова и стара италијанска музика, а од морето прочитана италијанска литература, ќе Ви го препорачам она најдоброто.

Николо Аманити е добро познат на македонската читателска публика со својот најпродаван роман „Не ми е страв“, но и по романите „Забавата може да почне“, „Последната Нова Година“ и „Кал“, сите преведени на македонски јазик. „Ана“ е последниот роман на Николо Аманити преведен на македонски јазик.

ANA NIKOLO AMANTIТемата во романот е исклучително блиска до актуелните пандемиски случувања, па иако книгата има малку морбидна фабула, Аманити раскажува лесно и без многу философии, плетејќи ги дејствата во романот со филмска динамика. Ликовите во романот се деца, сите на возраст од шест до четиринаесет години, кои оставени сами на себе креираат стварност, која е сама по себе комична.

На тој начин мрачната атмосфера се осветлува низ детските перцепции, полни надеж за една поубава и посветла иднина.

Елена Феранте е дефинитивно најконтравезната авторка на книжевната сцена во Италија, пред се затоа што не е забележан ниту еден нејзин јавен настап, па многу често низ Италија кружи тезата дека не ни станува збор за женски автор, туку дека зад псевдонимот Елена Феранте се крие веќе етаблиран постар автор од машки род, но и тезата дека авторката се крие од јавноста поради своето трауматично и контровезно минато.

Сепак, по препрочитувањето на двете прекрасни новели (кои за жал не се преведени на македонски јазик) со наслов „Денови на заборав“ или „Мачна љубов“(мој слободен превод) можам да заклучам дека станува збор за исклучително изразен женски наратив, па кој и да се крие зад името Елена Феранте нам како читатели не треба да не засега личната приказна на авторот кој го читаме.

Сепак најпопуларните романи од споменатата авторка се преведени на македонски јазик. Тоа се романите со наслов „Мојата генијална другарка“ и „Приказна за новото презиме“. Овие два романи заедно со романите „Приказни за оние кои заминуваат и оние кои остануваат“  и „Приказната за изгубеното девојче“ (последните две не се преведени на македонски јазик) прават своевидна тетралогија, но можат да се читаат и независно. Овие романи хронолошки раскажуваат приказна за две жени (најдобри пријателки), почнувајки од најраното детство, преку нивните средношколски денови се до нивното пензинирање, низ потересните лични судбини низ кои се преплетуваат љубовта и омразата, моралните дилеми за патријахалното и модерното, комунизмот и фашизмот. Елена Феранте отвора многу поглавја кои во Италија долг време стоеле затворени, таа го портретира секој типичен лик на Неапол и на Италија со жестина која е незапаметена во поновата италијанска литература и на тој начин донесува во своите романи провокативни ликови и дејства кои слично како кај Николо Аманити имаат филмска динамика. Романите од тетралогијата „Неаполски приказни“ се делумно филмувани, односно по нив е снимена серија. Мене лично не ми се допадна кастингот во серијата, ликовите кои Феранте ги потретира преку „јас“ нараторот  се многу посилни женски ликови, со силна аура и детерминирана феминистичка предодереденост.

Алесандро Барико е третиот и последен автор кој со задоволство го препорачувам. За авторот се знае дека сосема спротивно на Елена Феранте е јавно многу експониран автор, па негови интервјуа може да се прочитаат во скоро сите италијански весници. Тој е медиумски присутен во Италија, но во неговите дела никогаш на пиедестал не се поставени национални теми или големи национални јунаци. Тој со многу лирика во изразот и со многу елеганција донесува приказни кои се необички, лесно читливи и кои во себе секогаш имаат предзнак „љубов“.

„Свила“ е првиот роман од Барико преведен на македонски, воедно и најсензибилниот роман на Барико. На македонски можат да се најдат романите „Господин Гвин“, „Океан море“ , „Замоците на гневот“, “Трипати в зори“, „Младата сопруга“, „Емаус“.

Сепак највпечатлив роман за мене е „Новеченто“ кој за жал се уште не е преведен на македонски јазик. Сепак може да се најде во електронска форма на останатите балкански јазици, како и на англиски. Во овој роман настаните се движат околу необичната животна сторија на млад пијанист кој целиот свој живот ќе го помине на еден прекуокеански брод, кој нема ни родна држава ниту пасош.

Наскоро се очекува да излезе преведена на македонски јазик неговата најнова книга „The Gаme“, најавена како книга за деца.

А доколку сепак, наместо да „патувате“ во Италија, одлучите да останете дома, верни на домашните автори. Со задоволство би сакале да Ви го препорачаме и најновиот роман  на популарната македонска авторка Марија Јаневска, со наслов „Асистола“, чија промоција се очекува во текот на месец септември. За него критиката веќе се изјасни дека е роман полно со драматичност и моќни емоции. Критичарите веќе констатираа дека романот „Асистола“ не носи таму каде што се води борбата за човечкиот живот, но и за љубовта и за работите што му даваат смисла на на животот и го тераат човечкото срце да чука уште посилно.

Читајте убава литература и слушајте убава музика!

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
НЕА
НЕА
НЕА е автор на најразлични содржини. Целта е да ги забавуваме сите девојки од сите возрасти, но и да зборуваме за сериозни теми кои ги интересираат. НЕА може да биде секоја девојка од нашиот тим, немаме цел да напаѓаме, само да шириме љубов и „Girl power“!
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!