Веќе речиси две недели главна тема во јавноста е групата „Јавна соба“. Се работи за група на платформата Телеграм во која има околу 7000 членови. Во групата се споделуваат фотографии, контакти и видеа од девојки, меѓу кои и малолетни девојчиња. Најчесто тие се разголени (иако некогаш се работи и за обични фотографии во бикини или со деколте). Потоа оние кои чии фотографии се споделени често се напаѓани од страна на членовите. Им се праќаат вознемирувачки фотографии, пораки и закани. Една од девојките, на инстаграм ја раскажа својата потресна приказна, детално објаснувајќи што следело по споделување на нејзина фотографија и лични контакти. За жал ова е секојдневие за многу девојки. Не е само Телеграм, а вознемирувањето не е само виртуелно.
Дали е кривично дело?
Да. Споделување на лични податоци, јавно со група од 7000 „мањаци“, без дозвола од оние чии се податоците е кривично дело. Да биде уште пострашно, во групата се споделуваат и слики од малолетнички. Па така, се шири и мрежа на педофили кои има пристап до овие слики. Исто така, се споделуваат и приватни фотографии, пратени до дечко, симпатија, сексуален партнер наменети само за нив. Значи не е само одвратно и неетички, туку е и кривично дело. Администрирање на ваква група каде се шири мрежа на демначи и напаѓачи, и на педофили дефинитивно треба да е кривично дело.
Кој е крив?
Оние кои го прават делото и само тие. Никако жртвите. Нешто кое е за мене несфатливо дека е тешко да се прифати е тоа дека секоја жена е господарка на своето тело. Единствено таа. Тоа и дава право да се облекува и соблекува како сака и за кого сака. Ова никако не значи дека тој некој може да ја злоупотребува. Истото важи и за силувањето и насилството. Тоа постоело и пред мини здолништата, им се случува и на деца, и никоја без разлика како е облечена и (па и гола) не „си го бара“. Овој концепт за мене е нов. Бидејќи сум пораснала од татко кој никогаш не ми кажувал како да се облечам. Исто и мојата мајка. Двајцата (мене и мојата сестра) не учеле да се почитуваме себе и своето тело и да знаеме дека тоа е само наше.
Под почитување, мислам да не дозволиме никој да ни каже дека може да не допре без дозвола, а не на тоа да не објавуваме слики во бикини. Па и баба ми има слики во бикини од младоста (во кој век живееме?!).
Во однос на тоа кој треба да се воспита, тоа се оние кои во иднина би можеле да направат дело слично на „Јавна соба“. Треба да се воспитаат момчињата. Единствено што треба да им кажеме на девојчињата е дека нивното тело е нивно. Дека не мораат со никого да спијат ако не сакаат, ниту некој има право да ги допира поради нивната облека. Тоа е нивен и само нивен избор. Исто така, доколку нешто такво им се случи, да им кажеме дека треба да зборуваат отворено, не треба да се срамат, не се тие виновни. А најпосле системот да им покаже дека стои зад нив. По можност, да не треба да се случи јавен скандал за да изреагира полицијата на пријави од жени и девојчиња.
Зошто е важно да зборуваме за ова?
За да не се повтори. Да покажеме колку сме, жени и мажи нормални и на страната на жртвите. За да ги охрабриме жртвите да зборуваат и да им покажеме на институциите дека мора да дејствуваат. На крајот, да им покажеме на партиите, дека ако сакаат да победат мора да застанат на вистинската страна. На оваа страна сме ние, жените, нашите пријатели, тактовци, браќа и другарите од маало што ги бркале оние кои ќе се обидат да допрат некое девојче. Сакам да кажам, ова не е борба помеѓу мажи и жени. Ова е борба за нормалност, за слобода на жените кои живеат во постојан страв дека некој ги демне. Секој кој сака да ја претстави поинаку се лаже и себе, и сите околу себе.