Домино ефектот кој го предизвика храбрата Милена и зошто е важен за нас

Од саботата, постојано го слушаме името на храбрата актерка Милена Радуловиќ, која го пријави етаблираниот и популарен учител за глума, Мика Алексиќ за силување. Имено додека таа учела во неговото училиште (од 11 до 17 години), не претпоставувала дека кога ќе стане „доволно голема“ тој ќе ја силува. Но тоа се случило, не еднаш… повеќе пати. Тоа не и се случило само на Милена туку и на многу други девојчиња (малолетни), кои оделе во тоа училиште. Родителите биле систематски отстранети. На родителите им било кажано дека децата ги учат старите (добри) вредности.(ниту се вредности, ниту се добри). А на децата дека родителите не им се пријатели. И дека тие треба сами да си го креираат живтот. Совршена подлога за жртвите да молчат.

Милена, сега 26 годишна и успешна млада жена одлучува да го запре молкот, да ги спаси потенцијалните сегашни и идни жртви. Пријавува и им помага на другите да го сторат тоа. Тешко е да се пријави човек кого го сметате за авторитет од дете. Особено, откако работел на кршење на вашиот карактер и „ве подготвувал“ психички од 11 години. Но, Милена и останатите храбри девојки го направија тоа. Ова предизвика „домино ефект“. Почнаа да се јавуваат и други жртви на Алексич, но и на други нему слични чудовишта. Потоа почна и движењето „Нисам тражила“ („Не си го барав“, на македонски).

Многу жени проговорија.Тоа го сторија анонимно или јавно. Дополнително, се јавија и други жени кои биле злоупотребувани на балканот. Па така под истрага се и други институции, како Факултетот за сценски уметности во Сараево. Во групата се пријавува професор кој повеќекратно силувал студентки и ученички. Имаше обвинувања и кон други институции. А некои, за жал објавија дека биле злоупотребувани од постари дечковци (25-6годишни) кои им биле симпатии (на 14, 15 години). Овие девојчиња, наместо прв бакнеж со симпатијата, добиле силување кое ги демнело цел живот. Имало и жени кои биле злоупотребени и силувани од блиски, роднини, луѓе на кои им верувале.

Зошто ова е важно и за нас, тука во Македонија?

Затоа што едно е да слушаме нешто кое се случува во Холивуд (движењето #MeToo). Тие се актерки, светски познати, богати моќни. Тоа е далеку, тука на Балканот се знае како е: „Кај што има сила, нема правдина.“ Нели? Епа конечно гледаме дека не. Случајот на Милена ни покажа, дека и тука, на нашиот Балкан е можна промена. Таа дефинитивно ќе мотивира девојки и жени и од Македонија да проговорат. А на чудовиштата, ќе им порача дека не се недопирливи. И дека тие, девојчињата кои ги силувале, можат да бидат и посилни и погласни од нив. Тука, ние од најмали нозе учиме, дека и да пријавиме ништо нема да се случи. Ако е некој од „нашите“, „нивните“, „близок со…“ и слично, џабе ќе кажуваш. Само полошо ќе направиш. А и полицијата ретко им верува на жртвите. Вакви судења со позитивен исход речиси да не сме виделе.

Ама, Милена покажа дека е можно. А не смееме да ја заборавиме и храброста и силата на обвинителката и луѓето во полиција кои се борат заедно со жртвите. Време е тие да проговорат, да знаат дека ние другите жени, па и мажи (да се разбереме најголем дел од мажите не се силувачи, ниту пак силувачите можат да се наречат мажи), сите нормални луѓе (од сите полови) ќе застанеме зад нив. Нека проговорат кога можат. Анонимно или јавно. Време е да се скрши тишината, време е да ги поддржиме гласните. А и оние кои молчат да ги потсетиме дека сме тука за нив. Време е за промена, на овој Балкан. Баш тука, кај газдите, кај прејаките, кај посилните од нас, кај предаторите. А промената е можна. Милена и останатите жени кои зборуваат и допрва ќе зборуваат се доказ за тоа. И допрва ќе продолжува домино ефектот во кој девојчињата и жените ќе ги кажат своите вистини. И ќе бидат слушнати. И да. Не си го барала, не е важно зошто молчела, туку дека конечно проговорила. Браво и фала, од сите нас.

Услови за преземање на содржината
Објавите на nea.mk се оригинални содржини креирани од нашите автори. Забрането е преземање без согласност од nea.mk и без споделување на линк до нашата платформа.
НЕА
НЕА
НЕА е автор на најразлични содржини. Целта е да ги забавуваме сите девојки од сите возрасти, но и да зборуваме за сериозни теми кои ги интересираат. НЕА може да биде секоја девојка од нашиот тим, немаме цел да напаѓаме, само да шириме љубов и „Girl power“!
- реклама -

Must Read

Поврзани објави

Поврзани објави

Напишете коментар

Ова поле е задолжително!
Внесете го вашето вашето име!