Од утре почнуваат 16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња. Родово базираното, семејното насилство и насилството врз жените, може да биде тешко да се препознае. Не само за околината, туку и за жртвите. Причината е што најчесто почнува со психичко насилство, за потоа да ја добие најмонструозната форма. Според порталот Медикал веб, најчесто кога ќе дојде до насилство жртвата е психилошки доведена до ниво, да верува дека го заслужува тоа.
На физичко насилство најчесто му претходат овие фази:
Булинг, закани и контрола.
Во оваа фаза се случуваат обвинувања за афери, болна љубомора, забрани, критикување, закани, обвинувања за се…
Ги контролира финансиите.
Во оваа фаза, партнерот се труди да направи финансиски ограничувања, и зависност. Примери се: спречување жртвата да ја работи работата која ја сака, барање отчет за секој денар, земање на платата на жртвата, давање мал џепарлак недоволен за потребите. Целта е да се направи жртвата финансиски зависна.
Отсекување на жртвата од блиските луѓе.
Зборувањето со блиските може да „ја врати“ жртвата во нормалноста и насилниците го знаат тоа. Затоа, речиси секогаш насилниците се трудат да ја одделат жртвата од семејството, пријателите, колегите… Жртвата престанува да излегува, не ги гледа блиските и е заробена во светот на насилникот од кој не може да излезе.
По ова следи…
Физичко и сексуално насилство.
Веројатно најтешката форма на насилство која најчесто доаѓа кога жртвата е целосно изманипулирана. Односно, таа е заробена во светот на насилникот, безпомошна, верува дека е виновна за се, дека тоа е љубов и често финансиски нестабилна. Во оваа фаза влегува тепање од најлошата форма, закани со смрт (на жртвата и најблиските), физичко малтретирање, врзување, осакатување. Често жртвата не е способна да има сексуален однос, но насилникот сепак ќе го направи тоа.
Како да препознаете знаци кои можат да значат дека некој е жртва на насилство?
- Многу честа појава на повреди и модрици
- Фрактури и скршеници (проследени со нелогични оправдувања)
- Изгореници
- Болки и лошење
- Страв, преплашеност (од партнерот или неговите реакции)
- Депресија
- Необјасниво брзо слабеење
- Обвинување на себеси
- Нелогично менување на ставовите
Не се обвинувајте доколку не сте забележале насилство, тоа некогаш жртвите добро го кријат. Она што е важно е да бидете гласни околку тоа дека сте тука за нив. Најважно за жртвата е да собере храброст и да каже. Проблемот е што живее во затворен свет верувајќи дека тоа е се. Често не сме свесни колку блиску до нас има насилство. Зборувајте со најблиските, прашувајте ги, обидете се да ги видите знаците.
Следуваат 16 дена активизам, но 365 денови во годината треба да ги потсетуваме жртвите дека сме тука за нив. Најважно е да се каже, да се зборува. Да ги охрабриме жртвите и да бараме одговор од институциите. За време на пандемијата со затворањето на жртвите дома, ситуацијата значително се влоши, односно бројот на жртви постојано расте. 80% од убиствата врз жените се направени во нивниот дом, насилниците нема да престанат, мора да ги сопреме.