Перодот на пандемијата, можеби најмногу ги погоди повозрасните. Бабите и дедовците ги затворивме дома, ретко ги гледаме, да, на тој начин ги штитиме, но и ги лишуваме од она кое им е најважно. Би било убаво да им подариме нешто (макар преку врата или преку пошта), за да ги потсетиме дека мислиме на нив и ги сакаме.
Еве неколку идеи за интересни подароци кои ќе им го направат секојдневието поубаво:
- Топло ќебенце
И оваа зима ќе ја поминеме дома. Најверојатно пред телевизорот. А неделните ручеци повторно ќе бидат само убави сеќавања. Затоа, за да знае дека мислите на неа, купете и топло ќебенце. Ќе и го стопли и телото и душата.
2. Тавчиња и прибор за готвење.
Прашајте ја што би сакала да има? Пратете и фотографии од интересни тави кои се модерни, не се лепат и слично. Кога ќе Ви изреагира со омилената, земете ја и изненадете ја со тоа што ќе ја чека пред прагот.
3. Убави влечки
Зошто да не. Ладно е, ова е повторно нешто кое ќе го носи по дома, ќе и биде удобно и ќе знае дека мислите на неа. Секако подароците не се доволни, јавувајте и се, често!
4. Кафемат
Ако сакате да се опуштите во трошењето, купете убав кафемат. Секој кој е над 40 години, заслужува добро кафе! Па и под, ама тоа не е темата…
5. Фамилијарен тефтер со рецепти
Јавете се кај роднините и прашајте ги за нивните најуспешни и најдобри рецепти. Вклучете и неколку ваши. Ем ќе се слушнете со сите, ем ќе си имате тефтер кој злато вреди. Напишете ги со краснопис и со убави сликички во еден убав тефтер и пратете и ги. И јас би се израдувала на ваков подарок!
6. Тефтер со спомени
Еднакво добар како оној за готвење. Најдете фотографии од вас, родителите, децата, роднините, баба Ви. Направете тефтер со испринтани фотографии, напишете ги спомените, и оставете простор таа да си додаде нешто. Ќе биде убав спомен, кој сигурно ќе ја израдува и потсети на поубави времиња.
7. Прибор за шиење/везење/плетење
Доколку вашата баба има хоби (мојата има, хеклање), може да и купите прибор. Тоа ќе ја држи зафатена и деновите од пандемијата побргу ќе и помогнат. Дополнително, доколку е пензионирана, ова ќе направи да се почувствува корисно и да си работи нешто. Можеби ќе произлезе и некој бизнис, не се знае…
Реално оваа листа би израдувала речиси секого. Но време е да ги израдуваме оние кои се најпогодени периодов. И ако не можеме да ги гушнеме, барем да им го стоплиме срцето со некој мал подарок.