Кога почнавме да ја сликаме храната „за Instagram“, ниту на крај памет не ни беше дека оваа платформа ќе стане главен извор на брзи рецепти. Сепак тоа се случи. Ние следиме неколку Insta девојки кои се занимаваат со здрав начин на живот, а меѓу другото и здравата исхрана. Секој кој се обидел да се храни здраво, знае дека тоа може да здосади на момент. Затоа инспирацијата за нови „фит“ рецепти е секогаш добредојдена. Овој пат правиме крекери според рецептот на @snestorovska.
Сигурно ви се случило во периодот помеѓу главните оброци да почуствувате глад и да се фатите за првата храна што ви е на дофат, најчесто некој вид на нездрава храна: чипс, соленки, смоки… Кога ќе дојде времето за ручек или вечера вие веќе сте сити, но сепак седнувате да го изедете вашиот главен оброк. Затоа многу ги сакаме овие здрави, грицки кои ќе не заситат, но нема да не прејадат.
Еве како ние ги направивме здравите (Insta)крекери:
Состојки:
- 1/2 cup(80g) чиа семе
- 1/2 cup(80g) семки од сончоглед
- 1/2 cup(80g) семки од тиква
- 1/3 cup(60g) ленено семе
- 2 лажици мелен сусам (или мелено ленено семе)
- 4 лажици сусам
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка оригано
- 1 лажиќка босилок
- 1 cup(160g) млака вода
Рерната се загрева на 175 степени.
Во меѓувреме во еден подлабок сад се ставаат сите состојки, последна се додава водата и убаво се меша. Оставаме да отстои 10 минути за да набабри чиа семето. Потоа на поголем плех (ние го користевме плехот од рерна) се става хартија за печење и со пластична мала шпатула се распоредува целата смеса во потенок слој. Се става да се пече. Се пече отприлика 30 минути (секоја рерна е различна), додека убаво не се зацврсти смесата да може да се исечат со нож на коцки. Потоа се превртуваат и се ставаат да се допечат од другата страна уште кратко.
Ете толку, како што кажавме брзо, едноставно, а превкусно. Бидејќи е продолжен викенд, може да си грицкате со малку винце, и некој намаз (на пример Ајвар). Bon appetit.