Со есента, а и ситуацијава со Ковид-19 неизбежно ќе дојде и седењето дома. Но тоа не мора да биде лошо. За да си го направиме домот попријатен и да му дадеме есенски сјај не е потребно многу. Ви подготвивме неколку совети за тоа како да го направиме ентериерот поесенски, а сепак тоа да чини само малку пари и креативност.
Стаклена вазна или послужавник исполнет со оние мали декоративни тикви, кои се сега достапни на скоро сите пазари. Комбинирајте ги со свеќник со што би ја поесениле вашата дневна соба или терпезарија.
Неколку перничиња и некое меко ќебенце во богатата есенска палета на бои во кафеаво-портокалови нијанси ќе ја направат вашата дневна cozy и есенска. Спремни сте за топли напитоци како греано винце или некој миризлив чај со многу цимет и гледање на некое добро филмче.
На вашата терпезариска маса прекрасно би дошол еден од оние кристални стаклени тањири (чинии), останати од нашите баби, исполнет со шишарки, костени, стапчиња цимет, па дури и некоја есенска овошка како мандарините, специфични за овој период од годината. Колку што прекрасно ќе изгледа, толку прекрасно и ќе замириса вашиот дом- баш онака есенски!
Декорирајте и со висока вазна исполнета со борови гранчиња што сега можеме да ги набереме секаде. На нив закачете листови од портокал, претходно исушени во рерна за да го добијат оној златникав сјај, а може слободно да додадете и некоја шишарка. Оваа декорација изгледа одлично некаде на наткасната до телевизорот или покрај вашето катче за шминкање.
Се надеваме дека ви се допаднаа нашите совети, а и тоа што се речиси бесплатни. Шишарки има насекаде околу нас, портокали уште малку ќе има во изобилство на пазарите, а вазни, чинии и свеќи речиси сите имаме по дома. Во овие времиња, навистина е важно да се чувствуваме убаво дома, а тоа може да не чини и буквално 0 денари. Доколку имате деца (ваши или на роднини), може да направите и работилница за украси и заедно да собирате шишарки и гранчиња. Тоа ќе бидат спомени за паметење!