Маска за длабоко чистење на лицето

Ахх… Колку е убаво чувството на маска за лице. Не знам за вас, но кога јас сум напната ништо не ме опушта повеќе. А дополнително и кожата изгледа поубаво веднаш по ваквите маски. Викендот е одличен за длабинско чистење. Можете да си намачкате маска, да си земете убава книга и да уживате. Најубавото кај маската е што немате никаква обврска. Ја мачкате и таа сама ја завршува работата, а потоа кожата е мазна и убава. Нема да ви кажуваме која маска да ја купите, достапни се многу маски за длабинско чистење. Пробајте неколку од нив и кажете ни која ви е омилена.

Правење пилинг на цело тело

Викенд е, не мора да се истуширате за 10 минути. Напротив, уживајте во времето под туш подолго (не знам за вас, но јас сакам буквално да провријам во топла вода). Додека сте таму, може да направите убав пилинг на целото тело. Може да посветите време и на стапалата. Најубавиот дел доаѓа после тушот, кога се мачкаме со млеко за тело. Покрај млекото може да користите и најразлични масла, како на пример маслото од кокос. Миризливо и убаво. Пилинзи за тело и млека има милиони. Експериментријате додека да го најдете совршеното за вас.

Пенлива бања и свеќи

Нема поубаво чувство по долга и напорна недела. Доколку сте фан на долгото киснење во вода, наполнете ја кадата и уживајте. Може да запалите и свеќички за романтика. Можете да си пуштите музика или да си сервирате винце и мезе. Самите може да си бидете одлично друштво. Ова е нешто за кое најверојатно нема да најдеме време во работните денови, но за тоа е викендот.

Истегнување (streaching)

Уште една работа која често ја избегнуваме. Доколку вежбате во текот на неделата, знаете дека најслаткиот дел од тренингот е истегнувањето. Тоа е моментот кога сите напнати мускули се опуштаат. Но, дали сте знаеле дека не ви треба тренинг за да се истегнувате? Истегнувањето и само по себе е многу корисно. Така што во текот на викендот предвидете си една долга сеанса само за инстегнување, нема да зажалите. Потоа, можете да искористите некоја (или сите) идеи опишани погоре.

Третман за коса

Маските за коса исто како и маските за лице се доста задоволувачки. Купете маска која е посилна или направете некоја домашна маска. Може да користите и рицинусово масло или мајонез за потхранување на косата. Во текот на неделата косата ја изложуваме на многу нешта. Од стилизирање, до тегнење и чешлање и не е лошо некогаш да ја почастиме со маска. Исто така косата може да ја оставите природна барем за викендот со цел малку да одмори од редовното горење. Доколку сте од оние кои се среќни да имаат природно убава фризура… Браво за вас! Ние останатите ќе се вратиме во циклусот на фен, пегла, маска и така во круг.

Епа девојки и дечки уживајте во викендот. Мислете на себе и не заборавајте дека вие сте еднакво важни (па и поважни) од сите обврски кои си ги ставате на грб. Опуштете се и уживајте. На здравје!